Рафаел Надал се одмора на грчките острови во Јонско Море со сопствена јахта


 

Додека се лечи од операцијата на мускулот во колкот, повреда здобиена на Отвореното првенство на Австралија во јануари годинава, Рафаел Надал реши да замине на одмор со својата јахта. Шпанскиот тенисер ги одбра грчките острови во Јонското Море.

Локалните медиуми објавуваат вести и фотографии од неговиот престој на островите Крф, Итака и Меганиси. 

Надал патува со својата луксузна јахта „Бетовен“. За време на посетата на гратчето Вати на островот на Одисеј (Итака) Надал бил во супермаркет да си купи некои работи, па веднаш многумина посакале да направат фотографии со него.

Според clubyacht.com, Надал во 2016 година ја купил луксузната јахта „Бетовен“, која наводно ја именувал по неговата љубов кон класичната музика.

Јахтата на која крстари по Јонското Море е од типот „Монте Карло Јахта 76“ изградена во Италија од француската компанија „Бенето“.

Како што е наведено на оваа веб-страница, јахтата е една од најпродаваните на компанијата и се вели дека чини околу 2,5 милиони евра. Јахтата долга 23,5 метри може удобно да прими до осум лица и двајца членови на екипажот.