Радуловиќ повеќе не е тренер на МЗТ Скопје Аеродром


Дарко Радуловиќ повеќе не е тренер на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска му беше прекината соработката со клубот од Аеродром.

– Главна причина за ваквата одлука на управата на клубот е неосвојувањето на трофејот во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, каде што бевме поразени во финалето од ТФТ (66-80). Тој дојде во нашиот табор пред почетокот на минатата сезона како помошник на Ѓорѓи Кочов, по чие заминување седна на клупата како главен стратег, на која остана до денеска. На Радуловиќ му заблагодаруваме на сѐ што стори за нашиот клуб и му посакуваме сѐ најдобро во понатамошната кариера, соопшти МЗТ Скопје Аеродром.

Предводниците на „сино-белите“ веќе работат на ангажирање на нов шеф на стручниот штаб.

-Со оглед на паузата од две недели во домашното првенство поради настапот на репрезентацијата на Македонија имаме доволно време да донесеме одлука. Името на нашиот нов тренер ќе го објавиме веднаш штом биде потпишан договорот, објавено е на клупската веб-страница на МЗТ.

Во неделата МЗТ Скопје Аеродром загуби од ТФТ во финалето на македонскиот кошаркарски куп.