Радован Павловски – добитник на Повелбата „Блаже Конески“ за 2020


Поетот и академик Радован Павловски е добитник на Повелбата „Блаже Конески“ што на секои пет години ја доделува Друштвото на писатели на Македонија.

-Пред пет години Друштвото на писатели на Македонија ја започна традицијата за доделување на Повелба со името на нашиот најистакнат книжевник и лингвист – Блаже Конески. Повелбата се доделува за врвни творечки остварувања од парадигматски карактер, што оставиле трајни белези во развојните процеси на македонската литература и што имаат значајни проблесоци во литературните и културни центри во Европа и во светот. Прв добитник во 2015 година беше поетот и академик Матеја Матевски, велат од ДПМ.

Оттаму потенцираат дека годинашен добитник Радован Павловски, еден од најпреведуваните и најнаградувани македонски поети. Согласно условите диктирани од пандемијата, Друштвото на писатели на Македонија, Повелбата на Павловски свечено ќе му ја врачи во септември 2021 година во Небрегово, родното место на Конески.

ДПМ информира дека во меѓувреме го подготвува и првиот број од ревијата „Стожер“ за следната година, во која лице во фокус е токму Радован Павловски.