Секој против секого во Бугарија: Радев го искара Петков, него го искара Нинова

Прашањето за воената помош на Украина и односот кон Русија направи кармакаша во бугарската политика. Радев е против бугарска делегација да оди во Киев


 

Бугарскиот претседател Румен Радев отворено застана против испраќањето оружје на Украина, продлабочувајќи го уште повеќе разногласието околу ова прашање што, ако не е лажирана оваа драма, може да ја урне владата и да ги скара нив двајцата.

„Владата им должи дефинитивен одговор на граѓаните. Крајно време е таа да даде јасни докази дека е свесна и дека го поддржува бугарскиот суверенитет“, дециден е Радев.

Тој  дефинитивно рече „не“ за воена помош за Украина, бидејќи, според него, тоа значи чекор кон директно вклучување на Бугарија во овој конфликт.

„Бледнеат повиците за мир, а ескалира острата реторика и повиците за победа. Ако победата значи самоуништување и економска ликвидација на Европа, тогаш забрзано се движиме во оваа насока“, додаде Радев.

Според него, Бугарија мора да биде дел од напорите за мир и што поскоро да се стави крај на овој конфликт бидејќи неговото продолжување ќе има катастрофални последици на многу начини.

„Суверената бугарска позиција се разработува во Софија, а не во Киев и мислам дека нема потреба од посета таму“, дециден е Радев.

Според него, има низа откритија за тоа каде оди бугарското оружје.

„Се прашувам како министерот за енергетика ќе им објасни на Бугарите дека бугарското оружје го разгорува овој конфликт? Зошто само Бугарија и Полска добија прекин на гасот? Како плаќаат Германија и Австрија, има ли доволно резервиран капацитет за испораки од Грција и други земји, затоа што ако не се резервира гас, ќе видиме како се грабаат посредници. Веројатно ќе треба да најдеме алтернативни решенија, но тоа ќе бара и време и пари и значи многу повисоки цени и ризици за испорака“, додаде претседателот.

На неговата реакција реагираше Корнелија Нинова, вицепремиерка и министерка за економија од БСП, која беше спомената во изјавата. 

„Господине Радев, објаснете ја вашата денешна метаморфоза – од крената тупаница против Борисов до целосната синхронизираност. Сакате да ` објаснам на левицата што се случува со бугарското оружје, но ќе треба да им објасните на оние кои двапати ве предложија и ве избраа за претседател какви договори за извоз на оружје има потпишано вашата преодна влада. Извозните дозволи се издаваат врз основа на потпишаното тогаш, а вие добро знаете дека дестинациите и тогаш и сега се исти – над 50 земји, и ниту една не е Украина. Ќе мора да објасните на левата страна зошто го напаѓате толку жестоко сопственото дете, партијата Продолжуваат промените,  која ја создадовте за да ја убиете БСП“, му реплицираше Нинова. Инаку Радев досега важеше како политичар близок до БСП  која делумно го донесе на власт и реизбра. 

На кавгата се приклучи и Бојко Борисов, осилен од анкетите кои му даваат предност во земјата. Тој порача дека Бугарите во најтешките времиња ги избрале најнеспособните луѓе. 

„На Бугарија не ѝ се заканува енергетска криза, туку од Кирил и Асен. Сите ќе платиме за да се случат промени“, порача Борисов додека зад него членовите на партијата скандираа за оставка на владата на Петков.

Тој нагласи дека од 22 земји кои тргуваат со Русија, гасот е суспендиран само за Бугарија.

„Бугарите ќе плаќаат страшни цени. Денеска да беше Делјан Добрев министер, пред два месеци ќе го испратев во Грција, ќе ставивме банкарска гаранција. Денеска можевме да добиеме гас од Турција, од Грција и од каде било. Но, да имавме вистински министер, а не министер чиј прекар е ‘Кеша’“, рече Борисов, предвидувајќи дека бизнисот ќе банкротира, како и сите хотели на гас, градинки, училишта… Според него, доколку денес владее ГЕРБ, нема да ја покачат ниту струјата ниту гасот.

Нему му реплицираше Христо Петров од Продолжуваме со промените. 

„Денес Русија директно ни кажа: ‘Ние не сме заинтересирани за вашиот народ. Вашиот премиер не прифаќа поткупи и закани, затоа сакаме по секоја цена да ја урнеме вашата влада. Бугарија е руска’. Како човек и како Бугарин денес сум загрижен, но и смирен. Загрижен – затоа што знам какви денови ни претстојат сите нас. Смирен – затоа што повеќе од кога било сум убеден дека верував во вистинските луѓе. До господинот Борисов – земете си ги шеесетте слуги и одете да му дадете на Путин ново кученце. Ветувам дека ќе ви организирам владин авион. Можете да ги земете и вашите пријатели фашисти. Тие, како што знаете, се изнајмнуваат“, напиша Петров на својата Фејсбук страница. (Н.В.)