Радев побарал да се почитува преговарачката рамка, Сиљановска верува во дијалог

Сиљановска по средбата рече дека не е монарх за да смени уставот. Радев очекува ставовите на Сиљановска за дијалог да бидат политика и на македонската влада


Румен Радев и Гордана Сиљановска-Давкова

 

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова денеска го проби мразот на новите власти кон Бугарија со малку придобивки, но и тоа е значаен чекор во нормализирањето на замрзнатите односи. Сиљановска преку „културната диппломатија“ трасираше пат да ја посети Софија (таму вечерва македонската опера ќе ја изведе „Набуко“ од Џузепе Верди) и да се сретне со бугарскиот претседател Румен Радев.

Од фотографиите што беа емитувани по средбата може да се види дека имало многу насмевки, но резултатите не се онакви што би значеле поголем пробив. Соопштенијата на двата кабинети претставуваат во голема мерка различни видувања на разговорите, а изјавата на Сиљновска по средбата, речиси сосема трето.

„Се покажа дека речта, зборот, е најважна во библијата. Уште еднаш се покажа дека кога ќе седнете и разговарате водени од добра волја bona fide, а не од mala fide ќе направите еден голем исчекор кон пронаоѓање заеднички важни решнија. Јас не сум случајно овде, дојдов за да разговарам, и се разбира дека сега го очекувам претседателот Радев да дојде во Скопје. Ако се слушаме, ако се почитуваме, ако имаме волја да се разбереме, тогаш решението е на дофат“, им изјави Сиљновска на новинарите.

Бугарскиот претседател Радев во соопштението за средбата како основно го нагласува ставот дека „Бугарија очекува искажаната желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Гордана Сиљановска да стане конзистентна политика на Владата на РС Македонија“, директно алудирајќи на изјавите на новите македонски власти дека промена на уставот по „бугарски диктат“ нема да има.

Она што го нема во соопштението на Сиљановска, а не го спомена ни во изјавата, е дека Радев побарал односите меѓу двете земји да се развиваат според Договорот за пријателство и заклучоците на Европскиот совет од јули 2022, т.е. преговарачката рамка.

„Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со РСМ и очекува тој не само да помогне во билатералното културно зближување и економската соработка, туку и преку него да се постигне решение за отворените прашања во нашите односи. За нив мора да се одлучува врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, протоколите потпишани кон него и Заклучоците на Европскиот совет од летото 2022 година, усвоени едногласно од сите земји-членки на ЕУ и со согласност на РСМ“, рекол Радев.

Во Софија имаше и прегратки

Според шефот на бугарската држава „тоа е патот а се отвори преговарачкиот процес за целосна европска интеграција на нашиот сосед во интерес на младите во земјата, а тоа ќе биде позитивен знак за целиот регион“.

Интересно е што Радев се заложил двете страни, и бугарската и македонската држава, да бидат поактивни за изградба на Коридорот 8, „кој е од клучно значење за поврзаноста и безбедноста во Југоисточна Европа и ќе создаде квалитативно нови услови за бизнис, туризам и поттикнување на инвестиции во регионален план“. Прашањето на Коридорот 8, особено изградбата на железничката пруга, се претвори во уште една од точките на недоразбирањето меѓу двете влади, откако македонската најави дека сака да ги пренамени средставата за делницата од Крива Паланка до Деве Баир и да ги пренасочи кон модернизирање на пругата кон Гевгелија.

Во соопштението на Сиљановска ова прашање поопшто е споменато: „Во разговорот со претседателот Радев, претседателката истакна дека македонските власти ги преземаат сите неопходни активности за изградба на повеќе крупни регионално – инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за земјава, регионот и за Европската унија“.

Прашана од новинарите за што се согласиле со Радев, Сиљановска рече дека се обединиле околу европската интеграција, копенхашките критериуми, регионалниот пристап на решавање на проблемите, околу фактот дека ќе сме ги добиле научените бугарски лекции, „нема да треба да ги повторуваме грешките и оти ќе трагаме по компромис и заедничко решение без никој да се чувствува навреден или повреден и без никој да мисли дека бил заборавен“.

Таа не можеше да каже кога би се случила посетата на Радев на Скопје (тој ја прифатил поканата), но дека најважно е што дијалогот започнал.

Таа уште додаде:

„Секој од нас искрено го кажа своето видување, со респект се сослушавме, но факт е дека ние ги претставуваме националните интереси на едната и на другата држава, но и факт е дека дијалогот е клучното решение“.

Претседателката додаде дека денеска не разговарале за прашањето на внесување на Бугарите во Уставот, ниту за други конкретни прашања, но според соопштението на Радев – дека мора да се почитува преговарачката рамка – за Софија исполнувањето на тој услов се подразбира.

Во врска со нејзиниот став за промената на Уставот, Сиљановска-Давкова рече дека одлуките за овие прашања ги носат пратениците во парламентот и дека тие се независни во својата одлука.

„Јас не сум апсолутен монарх за да можам да го сменам Уставот, а пратениците ги претставуваат граѓаните, гласаат по сопствено убедување. Не можам да ја суспендирам парламентарната демократија, но се разбира дека разговаравме за сите прашања, велам разговаравме, бидејќи ние не може да донесеме решение, ниту да го наметнеме на нацијата и останатите“, рече таа.

Таа изрази желење за денешната несреќа и загинувањето на двајца бугарски пилоти на воената авијација и искажа разбирање што поради тоа Радев вечерва не може да се придружи на изведбата на операта „Набуко“.

Во соопштението од кабинетот на Сиљановска се додава дека таа посочила оти се потребни постојан дијалог и разговор меѓу двете соседни држави членки на НАТО и позитивни примери од двете страни со цел градење на стабилни добрососедски односи.

Во тој контекст таа го истакнала значењето на културната и јавната дипломатија, како и потребата за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, економијата и трговската размена и фокусирање на предизвиците од сегашноста, наместо фокус врз минатото.

Сиљановска и Радев прво имаа тет-а-те средба а потоа им се приклучија другите од делегацииите. Од македонска страна беа министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерот за култура, Зоран Љутков. (Н.В.)