Радев од Брисел: Го издржавме притисокот, Македонија треба да престане да ја краде бугарската историја
Бугарскиот претседател се пофали дека Софија успеала започнувањето преговори со Скопје и Тирана да биде отстрането од денешната агенда на самитот на ЕУ
Бугарскиот претседател денеска од Брисел изјави дека Софија не можела да каже „да“ за напредокот на Македонија кон ЕУ сѐ „додека не се увериме дека нашиот сосед нема да го гради својот идентитет врз кражбата на бугарската историја“. Зборувајќи пред самитот на лидерите на ЕУ, Румен Радев потврди дека европските партнери на Бугарија вршеле голем притисок Софија да ја крене блокадата и порача:
„Време е сите да разберат дека забрзувањето на европската перспектива за нашата најблиска земја зависи само од ангажманот и резултатите од дијалогот со Бугарија“, јави агенцијата БТА. Тој ги повтори познатите тези дека „луѓето во РСМ се наши браќа и ние сме должни да им помагаме, како што сме правеле секогаш. Бугарија останува отворена за брзи, успешни билатерални преговори во интерес на граѓаните на двете земји“.
Тој го објасни како успех што Бугарија успеала во инсистирањето прашањето за започнување преговори со Скопје и Тирана да се отстрани од денешната агенда на шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ. Радев призна дека тој и привремената влада биле под притисок да ја кренат блокадата: „Последните месец и половина Бугарија беше под неверојатен притисок од европските партнери на денешниот Европски совет да се донесе започне преговорите за членство во РСМ“.
Тој си стави повеќе работи на свое конто откако прв пат ја претставуваше Бугарија на самитот на ЕУ во мај. Според Радев, тој ја нашол Бугарија во изолација врз која сите покажувале со прст дека е виновна и обвинета за блокирање на разговорите со РСМ и Албанија. Но, вели Радев, привремената влада вложи големи напори за да се слушне аргументираната бугарска позиција на високо ниво. А лично тој се сретнал и зборувал со многу европски лидери и државниот секретар на САД.
Радев верува дека тие „разбраа оти обвинувањата против Бугарија се неосновани, дека имаме јасен став да најдеме излез од овој проблем и дека инсистираме на сигурни гаранции, на одржливи и неповратни резултати во билатералните односи“. Според него, Бугарија го издржала притисокот и „нема да дозволиме да ни ги виткаат рацете со лобирање, медиумски и политички притисок“. Радев додаде дека тој притисок ќе продолжел и понатаму, дека Софија е отворена за конструктивен дијалог, но ги повтори истите ставови – дека Македонија треба да излезе во пресрет на бугарските барања.
„Покажавме дека се придржуваме до Копенхашките критериуми за членство и не можеме да ја игнорираме дискриминацијата на граѓаните на нашиот сосед, само поради нивното самоидентификување како Бугари, што е спротивно на европските вредности и принципи. Не можеме да кажеме ‘да’ пред да видиме одржливи механизми за искоренување на искривениот наратив и намерниот однос кон Бугарија од учебниците, музеите, спомениците, до медиумите и државната политика. Не можеме да кажеме ‘да’ додека не се увериме дека нашиот сосед нема да го гради својот идентитет врз кражбата на бугарската историја“, рече бугарскиот претседател пред самитот во Брисел.