Радев: Ние сме европски прваци во сиромаштија


Бугарскиот претседател Румен Радев повторно ги критикуваше акциите на владата во борбата против последиците од коронавирусот.

Коментирајќи ги последиците од вонредната состојба во земјата, Радев смета дека дел од одлуките на кабинетот биле во спротивност со уставот на земјата.

„Отсуството на соодветни мерки нè присилува да се соочиме со посериозни проблеми: по проблемите со обновувањето на прекинатото производство и услуги, тоа се и порастот на сиромаштијата и нееднаквоста. По тоа сме европски прваци. Ако не можеме да се справиме со овој тренд, ризикуваме да се соочиме длабоки социјални поделби, деградација и сè поголем криминал“, рече Радев на тркалезната маса „Социјалните и економските димензии на ковид 19. Европското искуство и Бугарија“.

Според зборовите на претседателот, Бугарија во споредба со другите европски земји доцни со економското закрепнување и со решавањето на проблемот со невработеноста.

„Ризикуваме да се соочиме со зголемување на емиграцијата и нов демографски колапс“, истакна Радев.

Пред воведувањето вонредна состојба, во Бугарија беа невработени нешто повеќе од 200.000 лица, објави претходно министерката за труд и социјална политика Деница Сачева. По избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, тој број се зголеми на 377.776 лица.