Радев: Не ни требаат ни посредници ни преведувачи, решени сме да изградиме мостови меѓу двете држави
Македонија има европска перспектива, но на тоа треба да работат двете земји со уште поголема доверба и поинтензивен дијалог. Ние, двете држави, треба заедно да ги решиме тие нешта, не Брисел, не Париз, не Берлин, туку ние взаемно, порача во заедничка изјава со претседателот Стево Пендаровски бугарскиот претседател Румен Радев од Рим.
Тој оцени дека нема потреба од тоа, дека не ни требаат ни посредници, ни преведувачи, нарекувајќи ја како „заедничка“ историјата секогаш кога ја споменуваше.
„Нема нужда, ние сме си најблиски, ако се вклучи европска земја треба преведувач, зошто ни е преведувач, да трошиме време“, рече Радев, на што Пендаровски дополни дека ЕУ всушност е вклучена веќе на некој начин, дека еврокомесарот бил во Скопје и во Софија, така што европска помош има кај што треба, и дека двајцата исто зборуваат. Комуникацијата со Европа си тече, но најважна е комуникацијата меѓу нас“, додаде Радев.
Претходно тој ги нарече словенски двајцата просветители на кои заеднички им оддадоа почит денес.
„Со претседателот Стево Пендаровски сме на едно свето место за сите нас, во базиликата ‘Санта Марија Маџоре’ каде што папата Адријан Втори ги освети книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј со словенското писмо. Точно од ова свето место испраќаме јасна порака до нашите граѓани за соработка, за доверба и за пријателство до нашите граѓани. Тоа е многу силна порака од нас двајцата овде, пред големото дело на словенските апостоли кои не се почитуваат само кај нас, зашто Кирил и Методиј преку писменоста создадоа еден нов модел на духовен развој отворајќи цивилизациска перспектива за словенските народи уште од 9 век. Тоа дело е пример како еден решителен чекор кон образованието и просветување се претвори во најсветлото дело кое продолжи да нѐ поврзува со векови.
Верувам дека тоа нѐ обврзува да работиме, така што ќе бараме секакви можности и патишта за наоѓање решение и за најсложените проблеми што стојат пред нас. Бугарија е подготвена да работи за изградба на мостови меѓу нашите две страни, за развој на економски, трговски и образовни врски и, најважното, за зближување на граѓаните. Верувам дека заедно со нашите пријатели во РСМ, со кои споделуваме заедничко духовно пространство, сме решени да ја споделиме и заедничката иднина во Европа. Нашата заедничка писменост и нашата заедндичка илјадогодишна историја и култура не само што ни олеснува, туку и не обврзува на тоа“, рече Радев во изјавата пред новинарите во Рим.
Претседателот Пендаровски рече дека со Радев покажале дека знаат да направат компромис и дека тој го покажал тоа што како постар, му дал предност да говори прв. Запрашан од бугарски новинар дали го поддржува Договорот од 2017 година и ставот за заедничка историја („споделена“, според наше сфаќање), Пендаровски рече дека така како што е напишан го поддржува до последна буква, нагласувајќи дека всушност бил избран како претседател во 2019 со директна јавна поддршка за него.
Претходно во изјавата Пендаровски рече дека со Радев искажале почит на едно исклучително дело на двајца духовни великани кое ги надминува националните и религиозни граници е од исклучително значење за целиот континет. Тоа што сме тука заедно со Радев не е случајно, рече Пендаровски, нагласувајќи дека за првпат заедничкото чествување се прави на највисоко политичко ниво.
„Сакаме да покажеме дека и на Балканот има политичари кои можат да зборуваат со европски јазик кога зборуваат за проблемите и предизвиците. Во колегата Радев најдов соговорник со кој можеме да зборуваме на ист јазик. Не говорам за македонскиот или бугарскиот, туку за европски јазик, кој единствен може да донесе посветла иднина за нашите народи и држави. Јас се надевам дека оваа традиција на чествување на највисоко политичко ниво за Кирил и Методиј ќе ја продолжиме и натаму, како и таа нова динамика во нашите односи. Се надевам дека во месеците пред нас, и за Република Северна Макеоднија и за Република Бугарија претстојат подобри денови. Ако треба да издвојам нешто од овие два дена, тоа е да покажеме дека прогрес и напредок во развојот на секој народ и држава се можни само ако во дијалог влегуваат два рамноправни соговорника, без потценување и без натценување, со дијалог и со почит“, рече Пендаровски. (Н.В.)