Радев му се жалел на Вархеи дека Македонија доцни со уставните измени


 

Бугарскиот претседател Румен Радев ја искористил денешната средба во Софија со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, да каже дека Македонија може да напредува ко европската интеграција само со почитување на човековите права. И бил загрижен што во Скопје немало напредок во впишувањето на Бугарите во македонскиот устав како „дел од државотворните народи“.

Според соопштението од кабинетот на Радев, бугарскиот претседател му рекол на еврокомесарот дека само благодарение на нивните  меѓусебни „плодни средби и активната заедничка работа е развиена преговарачката рамка, која го отвори патот за Македонија кон Европската унија, а во исто време ја гарантира заштита на правата на Бугарите во земјата и на бугарското културно-историско наследство“. Во исто време, многу го пофалил Вархеи за неговата работа за забрзување на процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан.

Бугарскиот претседател му рекол на Вархеи и дека имало „зголемена системска дискриминација, полициско, административно и судско самоволие кон бугарските здруженија, зголемени злосторства од омраза врз Бугарите и луѓето со бугарски идентитет во Република Северна Македонија“, споменувајќи ја законската регулатива за регистрирање клубови.

Комесарот Вархеи, според соопштението, го изразил разбирањето на Европската комисија за важноста на отворените прашања меѓу Бугарија и Македонија и посочил дека забрзувањето на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан може да се постигне само доколку е прифатливо за сите земји. Според Вархеи критериумите од Копенхаген се јасно наведени и недвосмислени и ЕК ќе продолжи да ја следи нивната имплементација.