Радев му рекол на Штајнмаер дека Бугарија со блокадата на Македонија ги бранела европските вредности
Бугарија не отстапува од својот став дека блокадата на Македонија била резултат на бранењето на вредностите на Европската унија на Балканот. Тоа му го соопштил бугарскиот претседател Румен Радев на неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер во телефонски разговор. Според соопштението на кабинетот на бугарскиот претседател, разговорот го иницирал Штајнмаер и тој бил поврзан со самитот ЕУ-Западен Балкан што утре и задутре треба да се одржи во Брдо, Словенија.
Радев рекол дека морало да се почитуваат демократијата и човековите права, па додал дека целиот регион ќе има корист од напредокот во европската интеграција на Македонија.
Бугарскиот претседател му зборувал на Штајнмаер и за пописот што заврши во Македонија и без да наведе ниеден доказ или пример тврдел дека се вршел притисок врз граѓаните кои имале бугарска самосвест.
„Во моментов се води попис во Република Северна Македонија и Бугарија прима голем број сигнали за притисок врз луѓето кои отворено го изразуваат својот бугарски идентитет, што е неприфатливо за земја која аплицира за членство во ЕУ“, рекол Румен Радев, според соопштението од неговиот кабинет. А потоа ги повторил старите тези на Софија дека државниот врв на Македонија со години не ги исполнувал „бројните декларации и ветувања“. „Затоа нашата земја инсистира на правно обврзувачки гаранции во билатералниот дијалог од страна на Република Северна Македонија“, рекол Радев.