Радев мисли дека Русија може да ја нападне Бугарија и ќе нема кој да ја брани


 

Пред утрешното гласање во бугарското собрание за испраќање воена помош на Украина политичката ситуација во Бугарија зовре до тој степен што претседателот Румен Радев денеска изјави дека е можно Русија да ја нападне Бугарија. Радев уште додаде дека во тој случај Бугарија немало кој да ја брани.

Бугарските медиуми пишуваат и дека Радев се обидува да предизвика владина криза со притисок врз социјалистите од БСП да ја спроведат својата закана и да ја напуштат коалицијата ако собранието одлучи да испрати воена помош за Киев.

„Мислам дека раководството на БСП ќе најде таква формулација за која нема да сноси одговорност ако се испрати нешто и ќе остане во коалицијата“, коментираше денеска, вторник, Радев.

Лидерката на БСП, Корнелија Нинова, се закани дека ќе ја напушти коалицијата доколку владата (не Националното собрание) одлучи за воена помош. Таа, исто така, дозволи дискусија за барањето на Украина нејзината воена опрема да биде поправена во Бугарија.

БСП и нејзината пратеничка група бараат опции како партијата да најде излез од оваа закана, за да не се распадне владејачкото мнозинство, но и да се зачува нејзиниот имиџ кај „црвеното“ гласачко тело како партија која не дозволува воена помош за Украина.

Радев ги повтори познатите ставови дека Бугарија треба да биде повнимателна во односите со Русија отколку другите европски земји, бидејќи таа била географски поблиску и има „историска дијаспора“ во Украина. И плус дека Бугарија била многу позависна од рускиот гас во однос на другите..

„Бугарија е лојална членка на Европската унија и НАТО и е солидарна со нашите партнери и сојузници, но имам чувство дека многу луѓе зборуваат без да имаат свое мислење. Други, пак, се неуки“, рече тој.