Радев ќе даде мандат за влада и без да се избере претседател на Парламетот
Бугарскиот претседател Румен Радев кој е во Брисел, денеска изјави дека очекува народните избраници да ја исполнат својата должност кон бугарските граѓани и државата и да изберат претседaтел на Парламентот.
-Треба да се решат многу проблеми, многу закони се чекаат, важни државни органи работат во нецелосен состав или со поминат мандат. Ако продолжиме вака, ќе ја доведеме државата во целосна блокада, изјави тој. Според него, шефот на државата може да даде мандат кога има структурирани пратенички групи.
Утрово не успеа ни најновиот обид да се избере претседател на Парламентот по што беше свикана пауза. Кандидати за функцијата беа заменик-претседателот на ДПС Јордан Цонев, социјалистот Кристијан Вигенин и Цвета Рангелова од Преродба. Цонев и Вигенин влегоа во втор круг, но повторно никој не доби 121 глас.За Цонев гласале 103 пратеници, за Вигенин 75.Пратениците на „Бугарски подем“ воопшто не влегоа во пленарната сала.
„Ситуацијата станува безнадежна“, изјави претседавачот со Парламентот Вежди Рашидов.
„Ситуацијата околу изборот на претседател на Народното собрание е без преседан. Денеска е критичен ден бидејќи завршува првата недела на овој парламент“, изјави за бугарската ТВ Нова уставниот судија Јанаки Стоилов.
„Јасно е дека овој процес само ќе ја докаже неспособноста на Собранието да направи нешто. Во средниот век имало случаи кога биле потребни месеци, па и години за да се избере папа. Но, ние сме сепак во подинамично време“, додаде тој.
Уставниот судија е дециден дека не треба да се менуваат правилата околу изборот на првиот човек на Собранието. Според него, може да се поднесуваат имиња, да се извлече едно име и да се гласа. „Идентификацијата на лица по ждрепка не е непознато. Овој метод може да се примени, но ја покажува немоќта на парламентот. Но, пак треба да се гласа“, смета тој.
Според пратеникот од политичката партија „Продолжуваме со промената“ Венко Сабрутев претходните претседатели на бугарскиот Парламент „се избираа со театар“.
„Задкулисните игри се заседнати, има договор и се прави театрална сцена во пленарната сала каде се говори со солзи и фиктивно гласање. Оваа година гледаме дека статус квото се повеќе губи позиции“, изјави тој.
Сабрутев додаде дека – Не може да се именуваат луѓе кои имаат лош углед во јавноста, и посочи дека партијата е категорична дека сакаат стабилност во државата, а не нови избори.
„Веќе имаше идеја да ја напуштат салата и да не учествуваат во процедурите и гласањето. Одбиваме да учествуваме во дебати и нема да учествуваме во гласањето доколку нема договор дека може да се избере еден кандидат“, изјави лидерот на „Бугарски подем“ Стефан Јанев.
„ Расправата во Народното собрание мора да биде зрела, а таму моментално гледаме градинка“, изјави Даниел Митов од ГЕРБ.Според него политичката партија Продолжуваме со промената сака нови избори.
„ Довербата на граѓаните во парламентот е исклучително намалена. Тоа се гледа од слабиот одѕив на гласачите“, изјави Петар Петров од бугарската политичка партија „Прородба“.
„Политичка шизофренија“. Со таква квалификација бугарскиот психијатар Цветеслава Галабова ја коментираше неможност на пратениците да го изберат претседателот на Народното собрание во изјава за ТВ Нова.
„Тоа се луѓе целосно водени од нивните внатрешни стимулации, без допир со реалноста. Парламентот е шарен букет патологија на личности, преовладуваат нарцисите. Тие покажаа дека воопшто не се грижат за гласачите. Тие се целосно преокупирани со своите желби за величина“, истакна психијатарот.
Според неа, лекот за пратениците се „социјални шамари“.
„Во сите партии има квалитетни луѓе, но тие не излегуваат напред, туку се користат како полнење. Ги гледаме истите луѓе кои и покрај неисполнетите ветувања се уште сакаат да владеат. Не ги сакаме веќе овие личности кои претставуваат ниско ниво на театар. Ќе го скршат парламентарниот систем“, изјави таа. Според неа, „политичката елита“ ја сочинуваат луѓе водени од лични стимулации, па затоа не можат да се обединат околу јавниот интерес.