Радев го даде вториот мандат и се надева дека нема да има влада

Претседателот на Бугарија изјави дека Продолжуваме со промената била дискредитирана по објавата на аудио снимката


 

Во Бугарија денеска беше доделен вториот мандат за формирање влада, но има голема веројатност тој да не заврши со политички кабинет. Тоа дури како желба го најави и претседателот Румен Радев кога му го доделуваше мандатот на Николај Денков како кандидат на коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија.

Точно пред една недела ГЕРБ прему мандатарката Марија Габриел го врати врати мандатот затоа што не можеше да формира влада. Но во меѓувреме се случи и силен политички скандал со пуштањето на аудио снимка од еден пратеник на Има таков народ од состанок на Продолжуваме со промената на која се слуша гласот на Кирил Петков и во која беше вмешана и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Радев изјави дека уставот го задолжува да го даде мандатот, но дека не е соодветно вториот мандат него да го додели на Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија „заради торпедирањето на бугарскиот суверенитет, клеветите и планираната чистка во службите и државната администрација, барањето за мешање во изборите и дискредитирањето на челниците на европските институции и името на Бугарија“.

„Како претседател и врховен командант директно сум вклучен во нашата безбедност и повикан да ја бранам бугарската држава. Овде сакам да констатирам дека токму поради оваа причина е несоодветно да ви доделам мандат и да ја доверам судбината на Бугарија во рацете на лидерите на вашата партија по објавените записи и последователните јавни признанија за торпедирањето на бугарскиот суверенитет“, рече Радев.

Тој му даде „совет“ на Денков да размисли дали да се обиде да формира влада. „Неговото остварување е ваше уставно право, но заради зачувување на остатоците од нормалноста и довербата во политичкиот систем, зачувување на вашето достоинство и политичка перспектива, ве повикувам целосно да ја преиспитате целесообразноста за остварување на овој мандат, за кој верувам дека веќе е дискредитиран“, рече Радев.

Кандидатот за премиер Николај Денков ја прифати папката со мандатот и изјави дека дека на Бугарија ѝ треба стабилна влада која ќе ја движи земјата по нејзиниот европски пат на развој. Тој додаде дека за таа цел на Бугарија ѝ е потребен стабилен парламент, кој прво ќе го усвои буџетот, а потоа ќе се занимава со други важни закони, како оние кои се однесуваат на борбата против корупцијата и измените на Уставот.

Денков најави дека во наредните денови коалицијата ќе разговара со останатите парламентарни сили за да се обиде да формира редовна влада. „Знам дека задачата е тешка, но не и невозможна“, рече Денков.

Претставниците на коалицијата не останаа кај претседателот на дополнителен разговор и веднаш си заминаа од канцелариите.

Коалицијата има рок од седум дена да го претстави составот и структурата на владата или да го врати мандатот неисполнет. Формацијата за ова време најверојатно ќе се обиде да ги обнови преговорите за ротациска влада со ГЕРБ, кои беа замрзнати по објавувањето на снимките од состанокот на Продолжуваме со промената на пратеникот Радостин Василев.

Во саботата, кандидатката на ГЕРБ за вицепремиер, а потоа и за ротирачки премиер, Марија Габриел, изрази разочараност од она што го слушнала, што, според нејзините зборови, открива „начин на владеење кое е спротивно на практиките на демократско владеење“. Таа најави замрзнување на преговорите, но дозволи тие да бидат одмрзнати. Денков најави дека двајцата продолжуваат да одржуваат контакт и ја лансираше тезата дека преговорите треба да продолжат од местото каде што запреа.