Радев ги свикал на средба специјалните служби поради „напади врз Бугарите“ во Македонија


Мотивот за средбата на бугарскиот претседател со безбедносните служби било писмо на културниот центар „Иван Михаилов“ од Битола и наводните повреди на правата на Бугарите во Македонија

 

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска ги собрал шефовите на безбедносните служби барајќи да преземат „навремени мерки за соодветна заштита на правата на бугарските граѓани во странство кога тие се нападнати само поради нивната национална самосвест“.

Претседателот на Бугарија објаснил, како што наведува дигиталниот весник „Медијапул“, дека причината за состанокот било писмото што го добиле од Центарот за култура „Иван Михаилов“ со седиште во Битола, како и „сигналите на нашите сонародници од Република Северна Македонија за чести повреди на нивните права само поради до самоопределување како етнички Бугари“.

Медиумете пишуваат дека од претседателската канцеларија не соопштиле какви мерки ќе се преземат. Минатата недела претседателот Радев го покрена ова прашање и ја повика владата да преземе мерки против „дискриминацијата на луѓето со бугарски идентитет во Северна Македонија“.

Но, и покрај унисониот став на бугарската политика во однос на спорот Софија-Скопје, ова барање предизвика нови тензии со владата на Бојко Борисов. Министерството за надворешни работи реагираше со став според кој  тоа „секогаш реагирало на ваквите сигнали на сите дипломатски нивоа и често ги објавувало овие постапки јавно“.

Минатата недела Радев коментираше дека „Бугарите во Република Северна Македонија мора да имаат еднакви права како оние на другите граѓани во земјата во согласност со највисоките светски и европски стандарди“. Покрај тоа, Радев ги поддржа повиците упатени до бугарските институции за олеснување на постапките за стекнување бугарско државјанство за тие кои отворено го декларираат својот бугарски идентитет во РСМ, како и барањето институциите во Македонија „да ги создадат сите услови и да го гарантираат правото на слободно и јасно изјаснување на волјата да се идентификуваат како Бугари по потекло во согласност со принципите на меѓународното право “.

За тоа време денеска, понеделник, бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, се сретна со специјалниот претставник на македонската Влада, Владо Бучковски. Од бугарското Министерство соопштија дека двајцата разговарале за „врските во медиумите, образованието, културата, здравствените услуги и инфраструктурните проекти. Посебно внимание било посветено на подготвеноста на двете земји да го градат граничниот премин ‘Клепало’ помеѓу општините Струмјани и Берово“. Нема информации дали на средбата се разговарало за „нападите против Бугарите“, за кои денеска претседателот Румен Радев ги свика безбедносните служби. (Н.В.)