Радев ги почнува консултациите за состав на новата влада


 

Бугарскиот претседател, Румен Радев, денеска ја почнува серијата консултации во рамките на уставната процедура за формирање на нова влада на Бугарија, соопшти самиот.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, први на консултации ќе бидат повикани претставници од најголемата партија во народното собрание- ГЕРБ-СДС.

Претседателот Радев најави дека нема да брза со консултациите и давање на мандатите, бидејќи 48. Народно собрание на Бугарија има за завршување многу работа. Тој најави дека очекува партиите да ја преземат својата одговорност и да не ја дозволат грешката на 47. Народно собрание.

Според него, треба внимателно да се разгледа законот за државниот буџет на Бугарија и многуте други закони кои чекаат да бидат усвоени и кои се важни за постигнување економска и социјална стабилност.

За евентуалното формирање малцинска влада од новиот бугарски Парламент, претседателот Радев коментираше дека тоа  целосно зависи од тоа околу кои приоритети и принципи ќе се обединат партиите за интеракција во рамките на парламентот и парламентарните механизми, за да може да функционира малцинскиот кабинет.

Според Радев, за буџетот на Бугарија за 2023 година има неколку важни приоритети, а тоа се да нема намалување на социјалните плаќања, платите и пензиите, како и да не се зголемува буџетскиот дефицит и да не се дозволи продлабочување на должничката спирала и да не се дозволи расправата за буџетот  да се претвори во пазар за предизборно наддавање – што би било крајно опасно.

Заменик-претседателот на ГЕРБ и пратеник на пратеничката група на ГЕРБ-СДС, Томислав Дончев, изјави дека тие ќе отидат на консултациите и додаде дека треба да му се даде шанса на 48. Народно собрание на Бугарија.

Според него, ако шансата се изразува со давање уште малку време, во однос на барањето на бугарскиот претседател да не брза со консултациите и распределбата на мандатите, тие како пратеници ќе имаат итни задачи да се одлучат како за буџетот за следната година, така и за Планот за закрепнување и отпорност и неопходните мерки за ублажување на кризата.

-На овој бугарски Парламент треба да му се даде шанса, наведе Дончев, бидејќи во спротивно можноста за „брзи избори“ би ја повторила сегашната ситуација и тој би се соочил со истите задачи со кои се соочува и денеска.

Според Дончев, најдобрата опција е  буџетот за 2022 година да се продолжи до март-април, а беше создаден во владата на Кирил Петков, и на тој начин да и се даде минимална можност за комфор на една техничка влада на Бугарија да ги извршува нејзините основни функции и да може да им пружи помош на домаќинствата и деловните субјекти во текот на зимата.

Дончев смета дека постои огромен ризик буџетот на Бугарија за 2023 година да се претвори во „предизборно мерење на силите“. Според него, најважни прашања пред бугарските граѓани се обезбедувањето континуирана помош за стопанствениците поради високите цени на струјата и помошта за социјално слабите групи.