Радев: Ердоган има амбиции да учествува во политиката на Бугарија

Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган има амбиции да учествува во политичкиот живот на Бугарија.

Изјавата доаѓа по видео-обраќањето на Ердоган на Националната конференција на Движењето за права и слободи (МРФ), опозициска партија со голем број етнички Турци во Бугарија.

Радев, на вчерашното гостување на Дарик радио оцени дека со обраќањето Ердоган „ги признава амбициите да учествува во политичкиот живот на Бугарија и дека тоа е недозволиво“. Шефот на бугарската држава тврди дека премиерот Бојко Борисов, близок личен пријател на Ердоган, е каналот на тоа влијание, пренесува бугарската агенција БТА.

Според Радев, обраќањето на Ердоган го доведува во прашање угледот на МРФ како национално одговорна политичка сила.

– Турција е пријател, партнер и сојузник и би претпочитал ова да не влијае на нашите односи. Се надевам дека нема да се вратиме на односите од март 2017 година, кога турските власти отворено се мешаа во нашиот изборен процес. Се надевам дека Турција нема да се меша во оваа предизборна кампања, изјави шефот на бугарската држава за Дарик радио.

Во своето обраќање, Ердоган зборуваше за добрососедските односи меѓу двете земји и му честиташе на кабинетот на Бојко Борисов за напорите да се справи со здравствената криза.

МРФ појасни дека Ердоган се обратил во својство на лидер на Партијата за правда и развој, а не како претседател на држава.