Раде Шербеџија пак е меѓу нас
Култната улога на Александар во „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој велат, го проби во Холивуд, и славната реченица од филмот, „…Пукај, бе, братучед, пукај…“, повторно го донесе славниот актер, режисер, автор и шансониер, Раде Шербеџија (1948, Буниќ) во Скопје. За златната гала премиера на реставрираната копија на филмот , вечерва, со домашни и странски гости во Филхармонија.
И денес, на прес-конференцијата во Скопје со учесниците во филмот, од земјата и странство, Шербеџија ја имаше главната улога и беше најбаран за изјави и интервјуа од медиумите. Прво, како култна икона на југословенскиот простор, кој заедно со сопругата, Ленка, секое лето го „оживуваат“ театарот на Бриони, со легендарни претстави и гости, респектабилен во регионот и пошироко, до Шербеџија како „рускиот негативец“ од холивудските филмови, кој глумел со Том Круз, Ванеса Редгрејв и со Анџелина Џоли. Кој ги почувствувал и славата и осаменоста, да биде странец во своја земја и странец во друга земја, но и дека во животот и кариерата има „сонце што огрева откако сите облаци ќе се расчистат“.
Во „златната средина“ е Шербеџија, голем пријател на Македонија и со македонско државјанство, добитник на „Златна бубамара“ и на „13 Ноември“, чиј филм и на неговиот син Данило, „Ослободување на Скопје” , во 2016 година беше избран за македонски кандидат за Оскар од неанглиско говорно подрачје. Шербеџија, кој ги сака македонските песни и често ги пее на концертите, кој не ги заборава пријателите од Македонија, кој ги сака македонските вино, храна и кафеани, поради тоа што ни е близок, и по темперамент и по душа, го сакаат и колегите од театарот и сцената, но и македонските власти, особено публиката, еј пред четири години беше голема работа, на авторската книга „По дождот“, во издание на „Три“, да ти се потпише Шербеџија. А да се биде на неговите концерти, тоа се оние што се прераскажуваат, меѓу луѓето, и по социјалните мрежи. Сите ја чекаме „Не дај се Инес“ или „Елено ќерко“ да ги запее со неговиот сугестивен глас. „Златни колодвор“, оркестарот на хрватската легенда Раде Шербеџија доаѓа во Скопје на 1 февруари, 2025 година. Насловот на овој музички проект на Шербеџија е ,Због тебе, због себе, због других”.
Л. Сабит