Рации во 19 европски земји поради сомнеж за измама со мобилни телефони вредна 300 милиони евра
Полицијата спроведе претреси во 19 европски земји поради сомневање за измама поврзана со мобилни телефони продавани преку интернет, што предизвикало штета од околу 300 милиони евра (340 милиони долари), соопштија европските обвинители.
Европското јавно обвинителство (ЕППО) тврди дека криминални организации продале повеќе од еден милион користени мобилни телефони тврдејќи дека се нови, се наведува во соопштението за медиумите објавено денеска.
Над 160 претреси се извршени ширум Европа од саботата, што доведе до апсење на седуммина осомничени во Австрија, Германија и Шпанија, вклучувајќи ги и двајцата водачи на организацијата, соопшти ЕППО.
Според истрагата со кодно име „Троја“, една криминална организација наводно составувала мобилни телефони од користени делови во Хонг Конг и Обединетите Арапски Емирати, а потоа ги испраќала во Холандија, откако биле исчистени и спакувани така што изгледале како нови. Подоцна, тие биле превезувани до магацини во Германија и продавани преку онлајн-платформи на крајни купувачи низ целата ЕУ.
Измамата, исто така, наводно предизвикала загуба на данок на додадена вредност (ДДВ) од над 30 милиони евра во повеќе земји од ЕУ.