Рации на градилишта во Германија: Фатени Срби, Босанци, Албанци како работат на „црно“


Припадниците на германската царина извршија неколку рации на градилиштата низ Германија за да го проверат статусот на работниците и открија десетици случаи на нелегална работа, главно работници од Босна и Херцеговина, Србија, Албанија и Грузија.

Една од најголемите акции беше спроведена во Дизелдорф на градилиштето на улицата Ванхајмер, недалеку од аеродромот. Само овде се приведени 19 работници кои работеле на црно, главно од Босна и Херцеговина.

Михаел Волк, портпарол на главната царинарница во Дизелдорф, вели дека досега никогаш не наишле на толку голем број непријавени работници, кои нелегално престојуваат во Германија.

Тој додаде дека при контролата еден од приведените работници се обидел да побегне, се сокрил меѓу палетите на градилиштето, но набрзо го пронашле.

Царинските службеници контролирале и големо градилиште на поранешниот американски магацин во Гисен, во сојузната покраина Хесен. Резултатот од акцијата беа 29 апсења за незаконско работење. Имаше уште девет приведувања при контроли во Фулда и Касел.

– Царината со својата посветеност сака да покаже дека незаконската работа не се исплати – изјави Стефани Ауерсвалд, портпарол на Царината во Гисен.

Како што се наведува, биле контролирани 200 лица од околу 60 фирми. Најлошо поминале работниците од БиХ и Србија, од кои 29 немале валидна дозвола за престој за работа во Германија. Тие се приведени, против нив е отворена истрага исто како и против работодавачите.