Работникот е на прво место


Фото: Б. Грданоски

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска пред учесниците на првомајскиот протест порачаа дека работникот е на прво место и дека заедно ќе ја продолжат борбата за подобрување на работничките права.

– Никој не треба да заборави дека работникот е на прво место, човечкиот капитал е пред се, рече вицепремиерот  Битиќи пред учесниците на денешниот првомајски протест.

Битиќи од пред Владата, која беше и завршното место на протестот, подвлече дека унапредувањата на правата на работниците не се случува еднаш засекогаш.

-Треба да се зборува и за еднаквиот третман на мажите и жените на пазарот на трудот, за безбедноста при работа, како и за сите други права кои се забораваат, посебно за време на кризи, истакна Битиќи кој заедно со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска ги пречека синдикалците.

– Ветувам дека заедно ќе ја продожиме борбата за подобри работни услови, за унапредување на работничките права и за поголеми плати, им порача денеска на синдикалците министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Тренчевска во кусото обраќање потенцира дека трудот на работникот мора да се вреднува и дека работодавачите мора да ги почитуваат своите обврски. Најави и засилени инспекциски контроли, како и казни доколку се утврди дека работодавачите не ја исплаќаат платата законски и на работниците им даваат под 18 000.

-Сите работодавачи кои не исплаќаат плата согласно законот или под 18 000 денари, ќе сносат санкции според Законот за работни односи. Државниот инспекторат за труд врши контроли посебно во текстилните фабрики каде, сведоци сме, дека последните денови се исплаќаат плати под 18 000 денари. Ќе следуваат инспекциски контроли и секој што не исплаќа ќе биде санкциониран, рече Тренчевска.

Според неа, тоа што беше ветено, е исполнето.

-Ветивме недела ден за одмор, денес недела е наша реалност, 92 отсто од работниците одмораат, се дружат со семејствата и пријателите, а оние осум проценти кои поради природата на производниот процес работат, добиваат 50 отсто повеќе, додека оние во трговијата добиваат 100 отсто повисоки дневници. Ветивме дека ќе нема минимална плата под 18 000 денари и тоа денес е реалност, подвлече министерката.

Се подготвуваат и дополненија, и новиот закон за работни односи во консултации со ССМ.

-Ниту едно законско решение нема да биде донесено без консултација со нашите економски партнери, се работи и на нов закон за плати во јавниот сектор што ќе значи повисоки плати и нова методологија за раст на платите, рече министерката Тренчевска.