Работниците од германската кланица живееле во мувла, нехигиена и покриви што протекуваат


Кланицата „Тониес“ во Северна Рајна Вестфалија која е големо жариште на инфекцијата (Фото: Ројтерс)

По инспекција на услови за домување на претежно источноевропски работници погодени од епидемијата на коронавирусот во голема германска кланица во минатиот месец откриени се речиси 1.900 неправилности, се вели во извештајот цитиран од ДПА.

Извештајот беше претставен во Парламентот на државата Северна Рајна-Вестфалија од министерот за здравство Карл-Јозеф Лауман. Утврдени се пренатрупаност, мувла, ризици од паѓање, протекување на покриви, „катастрофални санитарни јазли“, непочитување на стандарди за безбедност при пожари и недостаток на средства за дезинфекција.

Речиси 650 згради, дом на повеќе од 5.300 луѓе, беа прегледани на крајот од мај пред да почне епидемијата. Четири станови мораа да бидат евакуирани поради сериозни структурни дефекти и здравствени ризици, се вели во извештајот.

– Неправилностите во сместувањето на земјоделските работници, кои исто така се претежно од Источна Европа, се релативно помали, рече Лауман.

Според него, инспекциите станале возможни само заради пандемијата, бидејќи властите генерално не смеат да вршат такви инспекции.

До крајот на мај беше извршен увид во 250 земјоделски активности и сместување за околу 5.800 сезонски работници. Идентификувани се околу 170 релативно мали нерегуларности.

Три недели по затворањето на големата кланица Тонис во Северна Рајна-Вестфалија поради коронаирусот, дозволено е постепено да продолжи со работа, соопштија вчера локалните власти.

Тонис го привлече вниманието на медиумите откако повеќе од 1.500 вработени во компанијата – повеќето од источноевропските земји како Полска, Бугарија и Романија – беа тестирани позитивни за таа болест.