Работниците испорачаа барања до новата влада

Пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор, минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 дена од новата влада, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз, побара Сојузот на синдикати на денешниот протест организиран по повод Меѓународниот ден на трудот.
Пред републичкото Собрание претседателот на Гранскиот Независен синдикат на полицијата, Гоце Делчев Тодев порача дека е потребно враќање на работниците во земјава, ставајќи акцент на младите кои континуирано се иселуваат.
Од друга страна, претседателот на Независниот синдикат за образование и науки, Томислав Гиевски истакна дека работниците не смеат во ниту еден момент да се откажат од своите барања.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, рече дека работниците од новиот состав на власта очекуваат да ги почитуваат посочените барања.
„Денеска сме тука да им кажеме на тие што ќе седнат во удобните фотелји дека не може да се одлучува за нас, без нас, дека ние работниците бираме и потоа очекуваме од нив да ги почитуваат нашите барања. Да им порачаме да не се грижат само за себе, да не го злоупотребуваат европското знаменце кога е на штета на работниците, а за 24 часа да се изгласаат 78 проценти зголемени плати, тие да уживаат, а ние да страдаме“, истакна Трендафилов.
Пред Стопанска комора се обрати потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кој посочи дека секој час некој работник го губи животот на работното место, дека младите не можат да се одлучат на семејство со договорите на дело и дека платите на работниците не се доволни за пристоен живот.
Протестот заврши пред пред Владата.