Работниците им го блокираа патот на пратениците до Собранието – еден помина

Голем дел пратеници станале рано утринава за да дојдат пред 9 часот на работа, за да не се соочат со работниците на улица


ССМ блокира - едно возило сепак помина (Фото: Б. Грданоски)

Претставници на ССМ, на чело со лидерот Слободан Трендафилов, утрово го блокираа пристапот на пратениците до македонското собрание, каде треба да стигнат на работното место за денешната закажана седница.  

На двата пристапа кон Собранието стојат по 21 работник, кои не дозволуваат да поминат возила кои пратениците би ги донеле на работното место, но сепак, едно возило со придружба успеа да помине. По него, присутните се распоредија по улиците и не дозволуваат да помине никој освен возила на брзата помо[, противпожарни возила и возила на полицијата. 

Припадници на полицијата се распоредени околу згрдата на собранието.

Трендафилов посака добро утсро за сите, освен за пратениците

„Добро утро на сите, освен на пратениците. Зошто освен на пратениците, затоа што две години го блокираат предлогот на работничките синдикати за зголемување на работничките плати или за зголемување на минималната плата и сите останти плати за 6.000 денари“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Слободан Трендафилов на блокада пред Собранието (Фото: Б. Грданоски)

Трендафилов вели како што ветиле денеска по 21 човек на две локации ги блокираат пратениците да не можат да дојдат на работа со сопствените возила на работа, да не можат да наплатат патни трошоци како да трошат керозин, туку да дојдат на работа пешки или со јавен превоз.

Пратениците стигнале на работа пред 9 часот

„Моите информации се дека голем дел на пратеници станале рано утринава за да дојдат пред 9 часот на работа, за да не се соочат со работниците на улица. Се срамат од своите гласачи затоа што одбиваат да ја зголемат работничката плата, а од друга страна, пратеничката плата, според последните најави, ќе се зголеми, не само за 9,2% како што пресмета гувернерот на Народната банка дека се зголемува просечната плата во 2025 година, туку и за 12,6% затоа што голема веројатноста е Уставниот суд да ја укине одредбата на Владата од претходната влада. Да биде срамот поголем, тие се подготвени нивните коефициенти да ги намалат за 9%, само за да не ги зголемат платите на работниците, рече Трендафилов пред едниот влез на Собранието на булеварот „11 Октомври“.

Фото: Б. Грданоски

„Затоа денеска сме тука во 9 часот за да ги блокираме да му покажаме дека нечовечеки се однесуваат кон работниците, бидејќи слушавме дека пратениците ги бранат своите плати, а не работничките плати“, рече Трендафилов.

Според него денешниот ден треба да ги засрами сите, особено 120 пратеници, кои се избрани од народот. Блокадата ќе трае се до започнување на Собраниската седница во 11 часот.

Трендафилов се заблагодари и на полициските службеници кои се денеска заедно со нив на студеното време, за да ги чуваат пратениците кои не сакаат да им ја зголемат платата.

Собранието под блокада: ССМ бара пратениците да изгласаат повисока минимална плата и пониски функционерски плати