Работници на „Еуроникел“ го блокираа патот Кавадарци – Возарци, бараат спас за фабриката


Кон мирен протест со блокада на патот Кавадарци – Дреново пред фабриката, пристапија денеска во 12 часот, вработени во компанијата „Еуроникел индустри“.

Претседателот на Синдикатот Миле Ѓорѓиев  рече дека на ваков чекор се одлучиле поради лошата состојба во која се наоѓаат околу 800 работници.

– Сакаме Владата и банката доверител да го слушнат нашиот глас. Владата да ни го поврати ДДВ-то за август за да можеме да земеме плата и да бидеме здравствено осигурани, рече Ѓорѓиев.

Се пропуштаат итни случаи, а на место е полицијата која го пренасочува сообраќајот. 

Ѓорѓиев потсети дека веќе извесен период трае агонијата на вработените, неизвесноста, како што рече, околу иднината на гигантот, додека се чека нов инвеститор и додека не се знае што планираат странските газди на поранешно  „Фени“.

– Немаме пари за храна, сметки,  егзистенција, луѓе треба да одат на операции и слично, изјавија револтираните работници. 

Блокадата ќе трае денеска и утре од 12 до 15 часот, а доколку не се исполнат барањата, од понеделник ќе се блокира на патот Градско – Прилеп кај мотел „Дреново“.