Работнички ги осуди случувањата на првенствениот натпревар со Чаир


Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб, Работнички АД Скопје бара да се казни предизвикувачот на инцидентот на првенствениот натпревар со КК Чаир 2030. Во неделата, средбата од 9-то коло од домашното првенство во салата „Шабан Трстена“ во Чаир беше прекината поради напад на еден кошаркари на Работнички од страна на еден од симпатизерите на домашната екипа.

Во соопштението на Работнички стои:

КК Работнички најостро ги осудува сите видови насилство на терените, без разлика од каде доаѓа истото, без разлика дали е тоа предизвикано од нашиот табор, наши навивачи или наши симпатизери, или од противничките и без разлика дали тоа е изолирано или организирано однесување! На ваквите луѓе, постапки и идеи, не смее да им се дозволи да бидат присутни на спортски натпревари! Сите ние треба да сносиме последици за се што правиме во животот, особено за она што го правиме на јавните настани пред очите на целата македонска, во случајов спортска, јавност!

Спортските екипи треба да бидат пример за здрави општествени навики и на спортските терени треба да ги славиме различностите, кои треба да не обединуваат. Не смееме да дозволиме салите и стадионите да ни се претворат во арени за изразување на секакви други чувства, освен искрените кои произлегуваат од спортот. Спортот треба да не направи подобри и поквалитетни луѓе, индивидуи и заедници кои ќе создадат исти такви генерации, кои ќе не наследат и ќе се надоградуваат на она што ние ќе им го оставиме.

Апсолутно се согласуваме со соопштението на нашите спортски пријатели од КК Чаир 2030, во кое се осудува инцидентот предизвикан од страна на, како што се вели, изолиран поединец. Се надеваме дека сите надлежни институци во најкраток можен рок ќе ги преземат сите потребни чекори и мерки, по што ќе донесат соодветни решенија, со цел ова, како што се вели, индивидуално однесување да биде најбрзо и најостро санкционирано!

Со тоа ќе им се даде поука на сите оние, кои во иднина ќе помислат да прават вакви или слични неспортски испади, дека никој не е над законот и над спортот! Време е да им се каже стоп на насилниците во кошарката, која како интелигентен спорт важи за здружување на интелектуалци, а не мегдан за силеџии!

КК Работнички, како најтрофеен кошаркарски клуб во нашата земја и натаму останува дел од спортската структура во Македонија, која ќе се занимава првенствено и единствено со промоција и со унапредување на македонската кошарка и на позитивните вредности во животот.

Прекинот се случи во втората четвртина по што Работнички службено го доби натпреварот, а Чаир остана без бодот кој се дава на поразената екипа.

МВР откри кој е напаѓачот

Вработен како фоторепортер во Кошаркарскиот клуб Чаир е осомничен за нападот врз кошаркар на Работнички кој се одигра синоќа. Инцидентот се случи во рамките на мечот КК Чаир-КК Работнички додека резултатот беше 44:23 за гостите од Градскиот парк.

По едно забивање од контра на гостинскиот тим, домаќинот Чаир побара тајм-аут, но имаше блиска средба и туркање меѓу двајца играчи на Работнички и на Чаир.

Од трибините под кошот на домашните, лице облечено во црно го претрча теренот и го удри гостинскиот играч (американец во тимот на Работнички). Потоа настана и мешаница на теренот, па натпреварот беше прекинат и регистриран во корист на гостите.

На крај, според МВР излезе дека напаѓачот е службено лице на домашниот клуб.

„Синоќа во 20:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска сала „Шабан Трстена“ на подрачје на Чаир, за време на одигрување на кошаркарски натпревар помеѓу КК „Чаир“ и КК „Работнички“, вработен како фоторепортер во кошаркарскиот клуб „Чаир“ влегол на теренот и физички нападнал кошаркар на гостинскиот клуб. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, открива билтенот на МВР.

Кошаркарската федерација допрва ќе одлучува за казната на чаирчани.