Работната група ги достави предлозите за пензионерите, утре најверојатно на владина седница


Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска соопшти дека работната група ги доставила предлозите за пензионерите и очекува на следната владина седница да се разговара за нив.

– Работната група ги доби предлозите за мерки. Меѓутоа тоа оди на Влада како информација, ќе ги разгледаме предлозите и може ќе биде прифатено и повеќе од предлозите на работната група. Очекувам на следната Влада да разговараме за ова прашање. Кога ќе биде донесена финална одлука, пензионерите и медиумите ќе бидат навремено информирани за тоа што ќе биде одлучено како мерка во зимскиот период за да можеме да го подобриме животниот стандард на пензионерите, рече Тренчевска во утринската програма „Здраво Македонијо“ на Канал 5 Телевизија.

Во изминатиот период, пензионери од повеќе градови низ државата протестираа барајќи линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари и изедначување на минималната пензија со минималната плата во државата.