Судскиот совет е нелигитимен, работите се влошуваат, вели холандскиот амбасадор

Холандија стави во мирување голем проект за Судскиот совет поради случувањата во него, објави Дирк Јан Коп


 

Холандија стави во мирување голем проект за Судскиот совет поради последните настани околу неговото функционирање и разрешувањето и изборот на претседател. „Судскиот совет, всушност, стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање“, рече холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, во интервју за Радио Слободна Европа.

„Во минатите две години мислевме дека видовме напредок, подобар менталитет, независно поставување на судии во судот, но исто така сега повторно гледаме дека работите се влошуваат. Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови“, нагласува Коп.

Според неговите зборови кога во февруари 2020 година парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, тоа била единствената причина поради која Холандија се согласи за членство на Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година.

„Тоа е централно прашање и го следиме внимателно. Тоа е дел од поглавјето ‘Основи’ кое прво се отвара, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но она што ние напротив го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој, а сега го имаме и случајот со Судскиот совет кој, всушност, стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Сускиот совет. Ситуацијата е многу сериозна“, нагласува Јан Коп.

Според него, работите со корупцијата се влошуваат. Постои корупција насекаде, конфликт на интереси, влијание врз невладиниот сектор, непотизам, клиентелизам, а препораките од Државната комисија за спречување корупција и Народниот правобранител не се почитуваат од никој, ниту од Владата ниту од парламентот, ниту од Обвинителството. Како што кажав и порано корупцијата е состојба на умот. Ја има насекаде. Таа е дел од менталитетот и треба да се смени сега“, подвлекува холандскиот амбасадор.