Работите меѓу Бугарија и Македонија тргнаа кон добро, изјави францускиот шеф на дипломатијата


Министерот за надворешни работи на Франција Жан-Ив ле Дријан

 

Шефот на француската дипломатија Жан-Ив ле Дријан денес изрази надеж дека за време на француското претседателство со ЕУ, кое завршува на крајот на јуни, може да се одржи меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија и дека преговорите за членство на Скопје и Тирана во ЕУ во ЕУ може да ги започнат тогаш.

Пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, францускиот прв дипломат, како што јави бугарското национално радио БНР  вака го опиша текот на односите меѓу Бугарија и Македонија:

„Колку што знам, работите почнуваат да се средуваат малку по малку. Посетата на новиот бугарски премиер на Скопје помага за деблокирање, декларациите се во вистинска насока.

Се надевам дека започнатата иницијатива ќе најде конкретен израз, за ​​да можеме да свикаме меѓувладина конференција под наше претседателство или најдоцна во чешкото претседателство. Но, досегашниот тек на настаните изгледа добро“.

Бугарија ги блокираше преговорите за членство на Македонија во ЕУ, обвинувајќи го Скопје дека не го спроведува Договорот за добрососедство. Меѓу барањата на Софија се Бугарите да бидат вклучени во македонскиот устав. Разговорите за спорните теми ќе се водат паралелно со разговорите за економски прашања, изјави денеска премиерот Кирил Петков по заедничката средба на двете влади во Софија, додека македонскиот премиер Димитар Ковачевски не ја отфрли можноста за впишување на Бугарите во Уставот но рече дека тој ќе се отвора кога ќе се приближиме кон членство во ЕУ.