Работилници за одвикнување од пушењето


По повод  31 Мај – Светски ден за борба против пушење, Центарот за семејна медицина, Медицински факултет Скопје во текот мај организираа шест работилници за одвикнување од пушење.

Како што информираат од Катедрата по семејна медицина на Медицинскиот факултет – Скопје, работилниците се подржани од Европа Лек Фарма ДООЕЛ и Хемофарм Претставништво АД Скопје и се одржаа во Кочани, Битола, Тетово, Кичево и Скопје.

Работилниците се наменети за семејни/матични лекари и имаат за цел едукација на лекарите за практикување на многу краткиот совет во секојдневните консултации со пациентите кои пушат тутун. Многу краткиот совет, како што се наведува, трае три минути, но може да спаси животи.  

Светската здравствена организација (СЗО) го идентификува пушењето тутун како примарна причина за предвремена болест и смрт во развиените земји. Македонија е на четврто место во светот според преваленца на пушење која се проценува на 46 отсто кај лица постари од 16 години.  

– Да им помогнеме на нашите пациенти кои пушат тутун да се откажат, за нивното здравје и за здравјето на нашата планета, се наведува во соопштението.