Работилница за накит во МладиХаб за помош на децата кои се лечат на Клиниката за онкологија


Во среда, на 22 декември 2021 година, во 14 часот, во МладиХаб Канцеларијата на Претседателот на РСМ ќе се одржи работилница со волонтерите на здружението на граѓани САНО, кое ги поддржува децата и нивните семејства, особено пациентите, децата заболени од рак. 
 
Токму за малите пациенти кои се соочуваат со оваа тешка болест е наменета и првата работилница што ќе се одржи во МладиХаб, на која ќе се изработува накит од лесна глина што ќе биде наменет за жени кои во иднина на повеќе начини ќе покажат грижа за малите пациенти заболени од рак, кои се лечат на  Клиниката за онкологија.
 
Средствата што бидат собрани во секоја идна хуманитарна акција на која ќе се изработува овој накит, ќе бидат наменети за подобрување на условите во здравството, посебно на условите и секојдневието на децата кои се лечат од тешката болест. 
 
Сите жени кои ќе присуствуваат на работилницата во МладиХаб, ќе можат даја видат изработката на првите парчиња накит и да се запознаат со идејата на овој нов проект на САНО. Мисијата на здружението е создавање на оптимални услови за личен развој, здравствена, образовна и социјална грижа. Покренување на на јавната свест, темелено на хуманистичко развоен пристап. 
 
Во 2018 година, здружението САНО направи еден голем чекор за поддршка на семејствата на децата заболени од рак, отворајќи ‘Родителска куќа’ во Скопје, за бесплатен престој на родители од други градови во државата, чии деца се лекуваат на Детската клиника. Оваа родителска куќа е идеја на група пријатели на здружението, кои се соочувале со најтешкиот предизвик во животот. Голем дел од проектите САНО ги реализира со хуманитарни средства. Многу од волонтерите кои учествуваат во работилниците се излекувани пациенти од рак, со што се поттикнува хуманоста и се буди надежта кај родителите и децата кои се соочуваат со овој предизвик. 
 
Работилницата за изработка на накит која ќе биде одржана на 22 декември е уште еден напор да се помогне во подобрување на условите за лекување. Проектот ќе го образложи Марија Тасев, претседател на здружението САНО.
 
Со зголемувањето на бројот на учесниците во ваквите работилници се праќа порака до пошироката јавност да се разбуди хуманоста и грижата за семејствата кои се соочуваат со тешкотии во животот. Сумирана и главна порака е дека не се сами.