Работилница со славниот театаролог Патрис Павис на ФДУ во Скопје

Еден од најистакнатите театролози во светот, Патрис Павис, ќе одржи специјализирана работилница на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во периодот од 19 до 21 мај 2025 година.
Работилницата, организирана со поддршка на Францускиот институт во Скопје, ќе биде посветена на театарската адаптација на недрамски текст, со фокус на поглавјата од романот на Павис „Ти си поезија“.
На неа ќе учествуваат студенти од Факултетот за драмски уметности и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Патрис Павис, истакнат теоретичар на современиот театар, е автор на неколку клучни книги во областа, вклучувајќи ги „Речникот на театарот“ (1980) и „Речникот на изведувањето и современиот театар“, кои се преведени на повеќе од 20 јазици. Неговото научно творештво значително го обликува современото разбирање на театарот, изведувањето и анализата на спектаклите.
Покрај теориската работа, Павис е автор на неколку драмски дела и романот „Ти си поезија“ (2021), кој е преведен и објавен на македонски јазик од Перун Артис (Битола, 2023).