Реџеп Исмаил: Проблемот не е што нема пари, туку во чии џепови одат?


(Фото: Б.Грданоски)

Во Македонија често проблемот не е што нема пари. Вистинското прашање што треба да се постави, особено од страна на синдикатите, е каде оди вредноста што ја создава трудот? – вели пратеникот Реџеп Исмаил во фејсбук-објава.   

Според него, додека во профитот на приватните компании во ЕУ трудот  учествува со 35 – 40 % во БДП, кај нас капиталот зема над 55-60 % удел во националниот доход.

„Ова не значи ништо друго, освен тоа дека парите се тука, но тие завршуваат во џебовите на газдите, во рентиерите и монополите, а најмалку кај пролетеријатот, односно во нивните плати. Фискалниот простор за повисоки плати не се создава со симболични жртви, туку со узда врз изворите на нееднаквост. Некои од ваквите политики на краток и среден рок би биле следниве:

– прогресивно оданочување на корпоративниот профит – поголем профит поголема даночна стапка;
– укинување на разните даночни и фискални ослободувања за крупните фирми, особено оние на странскиот капитал во зоните;
– зауздување на банкарските и монополските профити со постепено национализирање на овие сектори, односно на средствата за производство и услуги во вакви сектори;
– данок на луксуз, имот и посебно третирање на рентата сè до нејзино искоренување;
– намалување на разните партиципации, школарини и други скриени трошоци во јавните услуги, вклучително јавен превоз и култура – ова како пример за политика што треба да го олабави товарот на семејниот буџет на работникот.
– воведување прогресивен данок на личен доход и укинување на максималната месечна основица за пресметка и уплата на придонеси, со што највисоките приходи, конечно, би придонесувале пропорционално во здравствениот, пензискиот и социјалниот систем.

Дополнително,  кога се вели нема пари, ретко се мисли на стотици милиони евра за НАТО, на каматите од скапите задолжувања и на геополитичките одлуки и „усогласувања“ што директно го јадат просторот за работнички политики – теми, кои, за жал, речиси никогаш не стануваат дел од синдикалниот отпор“, оценува Исмаил.