Путин воведе воена состојба во анектираните региони од Украина


 

Рускиот претседател Владимир Путин објави дека потпишал декрет за воведување воена состојба во анектираните територии на Украина – самопрогласените ДПР и ЛПР и окупираните делови на регионите Херсон и Запорожје.

Говорејќи преку видео-врска на состанокот на Советот за безбедност на Русија, тој објасни дека на овие територии важела воена состојба уште пред да „се приклучат на Русија“. „Сега треба да го формализираме овој режим веќе во рамките на руското законодавство. Затоа, потпишав декрет за воведување воена состојба во овие четири субјекти на Руската Федерација “, рече Путин. Денеска указот ќе биде испратен на одобрување до Советот на Федерацијата.

Претседателот најави и дека на шефовите на руските региони ќе им бидат дадени дополнителни овластувања за да се обезбеди безбедност на граѓаните и инфраструктурата.

Во своето обраќање пред рускиот совет за безбедност, претседателот Владимир Путин издаде декрет за ограничување на движењето во и од осум региони кои се граничат со Украина.

Мерките се однесуваат на јужните региони Краснодар, Белгород, Брајанск, Воронеж, Курск и Ростов, кои се сите во близина на Украина, и териториите на Крим и Севастопол, кои Русија ги одзеде од Украина во 2014 година.

Тој, исто така, нареди да се формира нов координативен совет под раководство на премиерот Михаил Мишустин, за да се зголеми интеракцијата меѓу различни владини агенции во справувањето со борбите во Украина.

 Путин веднаш не ги наведе чекорите што ќе бидат преземени според воената состојба во четирите украински региони незаконски анектирани од Русија.

Но, законодавството укажува дека може да вклучи ограничувања на патувањата и јавните собири, построга цензура и пошироко овластување за агенциите за спроведување на законот.