Путин води освојувачка војна, вели потпретседателката на српската влада, Михајловиќ

Рускиот претседател го носи целиот свет, секој граѓанин, секое дете на чекор од страдањето, рече Зорана Михајловиќ


 

Вицепремиерката на Србија и министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ денеска изјави дека Србија мора јасно да ја дефинира својата позиција на новата светска геополитичка карта и да си го најде своето место во следните 100 години.

„Мислам дека ние како држава дефинитивно треба да се одлучиме и јасно да ја дефинираме нашата позиција, бидејќи тоа се работи кои го надминуваат нормалното однесување. Ние сме на работ на светска војна во 21 век, кога сите треба да се бориме за подобри услови за живот“, изјави Михајловиќ за ТВ Прва.

Според неа, Русија води освојувачка, а не ослободителна војна, а рускиот претседател го носи целиот свет, секој граѓанин, секое дете на чекор од страдањето.

„Во таква ситуација мора да имаме јасен став и да си го најдеме местото во наредните 100 години. Светот се менува, геополитичката ситуација е поинаква, а ние мораме да гледаме во иднината и да си го бараме местото“, рече Михајловиќ.

Таа рече и дека целиот свет е во енергетска светска војна и дека и покрај кризата државата Србија прави сѐ за да обезбеди доволно количество енергија за стопанството и домаќинствата.

„Она што се случува со нафтоводот ‘Дружба’, кој е најдолгиот нафтовод во светот, долг околу 4.000 километри и низ кој минува само руска нафта, делува како продолжение на она што се случи со гасоводот ‘Северен тек’. Бидејќи прво се мислеше дека е одржување, потоа се зборуваше дека има дефект, но се покажа дека не е така, туку се работи за саботажа“, рече министерот.

Таа повтори дека нема опасност од недостиг на нафтени деривати на српскиот пазар и дека новиот пакет санкции на ЕУ со кој се забранува увоз на руска сурова нафта нема да влијае на стабилноста на снабдувањето.

„Од аспект на снабдување со нафта на нашиот пазар нема да има никаков проблем, бидејќи до сега преку Јадранскиот нафотвод увезувавме сурова нафта од други земји, не само руска. Ова не е ништо ново за нас и за ова сценарио знаеме од мај. Она што е важно е дека сигурно ќе имаме доволно количества сурова нафта. Резултатот од забраната за увоз на руска нафта по 5 декември ќе биде помал профит за НИС, а не зголемени цени на пумпите“, додаде таа.

Михајловиќ рече дека изградбата на нафтовод до Унгарија и до Албанија и Грција, преку Македонија, ќе значи дека Србија станува транзитна рута.

„Го имаме ‘Јанаф’, добиваме нафта преку тој нафтовод, но важно е да размислуваме стратешки. Нафтовод од Панчево до Ниш, Скопје и два крака – до Солун и Драч, а од друга страна, изградба на нафтовод од Панчево до Унгарија, би значело Србија да стане транзитна рута. Станува збор за инвестиции од 500 до 700 милиони евра, но тоа е вообичаено за вакви големи проекти кои се значајни не само за Србија и регионот, туку и за поширокиот регион“, рече Михајловиќ. (Фонет)