Путин во говорот на парадата: Западот спремаше инвазија на Русија


 

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот во обраќањето пред војниците на парадата по повод Денот на победата во москва рече дека Западот спремал инвазија на Русија, додека Русија секогаш се борела за сигурност на меѓународната заедница.

– Западот не сакаше да ја слуша Русија, имаа други планови – рече Путин на парадата на московскиот Црвен плоштад. – НАТО се закануваше на нашите граници -додаде Путин.

– Неприфатлива закана се приближуваше на нашите граници – рече Путин порачувајќи дека Русија го набљудувала трупањето оружје, посебно од НАТО.

Заклучи дека Русија направила сѐ за да го запре агресорот.

Тој рече дека „специјалната воена оорација“, како што Русија ја нарекува инвазијата на Украина, била потребна и навремена мерка, и единствена правилна одлука.

– Русија ја повика Европа да најде фер компромис, но тие не сакаа да не слушнат, рече тој и додаде дека се подготвува „казнена операција во Донбас, источна Украина, каде што сега се фокусирани руските операции“.

– Во Киев велеа дека може да добијат нуклеарно оружје и НАТО почна да ги истражува териториите блиску до нас и тоа стана очигледна закана за нашата земја и за нашите граници. Сè ни кажуваше дека има потреба да се бориме, рече Путин.

Путин повика на едноминутно молчење за Русите убиени во Втората светска војна, но и за „војниците кои се борат за Русија во Донбас“.

По говорот, рускиот претседател доби аплауз од припадниците на руската војска на Црвениот плоштад, се интонираше руската химна по што следуваше и топовска стрелба.

Иако многумина очекуваа, Путин не најави ништо големо во неговиот говор по повод Денот на победата над фашизмот.

Сепак, како што коментира Би-Би-Си, во своето обраќање лидерот на Кремљ повторно се обиде да ја оправда руската инвазија врз Украина, велејќи дека НАТО и Украина создаваат закани „неприфатливи за нас“ на руските граници.

Утрово во Москва во девет часот почна воената парада по повод Денот на победата која оваа година светот со внимание ја следи поради руската инвазија на Украина.

Низ портата на Кулата на спасителот на Црвениот плоштад излезе автомобил со бројот 0001 во кој беше министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

Потоа, на воените сили им се обрати Путин кој парадата ја следи од трибините на Црвениот плоштад окружен со соработниците и воениот врв на земјата.

Локалните медиуми пренесуваат дека воздушниот дел на парадата е откажан поради временските услови.