Путин утре ќе ги анектира окупираните територии

Кремљ потврди дека рускиот претседател и официјално ќе потпише декрет за анексијата. Пратениците на Думата повикани на настанот


 

Владимир Путин утре, петок 30 септември, ќе потпише декрет за припојување на четири окупирани региони во Украина, соопшти Кремљ.

Руската државна новинска агенција Тас се повикува на изјавата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дека церемонијата на потпишување договори за влегување во Руската Федерација ќе се одржи во петок во 15 часот по московско време.

Рускиот претседател ќе одржи церемонија на потпишување во Кремљ, по што се очекува да одржи голем говор и да се сретне со администраторите на украинските региони назначени од Москва, рече Песков.

Најавата на Кремљ дека Русија формално ќе анектира уште четири области на Украина доаѓа по таканаречените референдуми во оние окупирани региони кои веќе беа осудени од Киев и од Западот.

Откако ќе се анектираат, раководството на Русија соопшти дека ќе ги смета нападите врз областите под контрола на Русија за директен напад врз Русија.

Објавувајќи ги таканаречените референдуми во регионите Донецк, Луганск, Запорожје и Керсон во Украина минатата недела, Владимир Путин се закани дека ќе одговори со нуклеарно оружје доколку биде загрозена националната безбедност на Русија.

Четиридневниот лажен референдум во регионите окупирани од Русија заврши во вторникот и како што беше предвидено, резултатите што ги објавија руските државни медиуми покажаа огромна поддршка за приклучување кон Русија.

Жителите кои побегнаа во областите под контрола на Украина во последните денови раскажуваат за луѓето кои биле принудени да обележуваат гласачки ливчиња на улица под закана со оружје. Снимките на социјалните мрежи покажуваат функционери инсталирани од Русија како носат гласачки кутии од куќа до куќа со вооружени мажи.

РИА Новости пренесува дека претставници на руската Дума добиле покана да присуствуваат на настан во Кремљ на 30 септември. Пратеникот на Думата Денис Парфјонов рече дека настанот ќе започне во 15:00 часот по московско време. Тој истакна дека во поканата не е прецизирано за каков настан станува збор.

Имаше многу шпекулации за тоа кога Путин би можел јавно да ги објави резултатите од референдумот организиран во четири региони во окупираните делови на Украина.

На крајот на минатата недела, извор од парламентот за РИА Новости изјави дека на 30 септември е планиран протоколарен настан на кој би можел да учествува и претседателот Путин.

На 23-27 септември се одржаа „референдуми за присоединување кон Русија“ на територијата на самопрогласените ДПР и ЛПР, како и на окупираните региони Херсон и Запорожје. Според резултатите од обработката на 100% од протоколите во регионот Запорожје, наводно 93,11% биле за приклучување, во регионот Херсон – 87,05%, во ДПР – 99,23%, во ЛПР – 98,42%.