Путин: Русија е подготвена за обновување на дијалогот со САД


Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека истрагата на американскиот специјален советник Роберт Малер ги потврди негирањата на Москва дека била вмешана во изборната кампања на претседателот на САД Доналд Трамп.

Путин, говорејќи на пленарна сесија на форумот „Арктик-територија на дијалог” во Санкт Петербург, изјави дека обвинувањата за мешање на Русија во изборот на американски претседател, се одраз на фактот дека демократите во САД не можат да го прифатат неуспех на претседателските избори во 2016 година.

Рускиот претседател, исто така, смета дека нивните напади врз Трамп се непочитување на гласачите и оти ја рефлектираат кризата на американскиот политички систем.

Путин изрази надеж и дека овие конфликти на внатрешен план ќе завршат и нагласи дека Русија е подготвена да го обнови дијалогот со САД за прашања кои се од големо значење за двете земји и за целото човештво, како што се разоружувањето, борбата против тероризмот и климатските промени.

На прашање дали ќе ја поддржи кандидатурата на претседателот Трамп на изборите во 2020 година, Путин истакна дека Русија ќе го почитува секој избор на американските граѓани.