Путин патува во членка на НАТО за прв пат од почетокот на војната


Турскиот претседател Таип Ердоган ќе разговара за новиот механизам за извоз на украинско жито преку Црното Море со рускиот претседател Владимир Путин за време на неговата претстојна посета на Турција, откри министерот за надворешни работи Хакан Фидан. Средбата се очекува на 12 февруари, изјави претходно турски претставник.

Тоа е прво патување на руски лидер во земја членка на НАТО по инвазијата на Москва врз Украина во февруари 2022 година. Има напори да се изнајдат „нови начини“ за транспорт на украинското жито на светските пазари, како и да се „конкретизира“ таа можност, рече тој.

Фидан рече дека некои бродови веќе успеале да превезат украинско жито од Црното Море, дури и без договор, и дека Турција сака да ја „разјасни“ таквата ситуација со нов механизам. Анкара се обидува да ја убеди Русија повторно да се приклучи на Црноморската иницијатива за жито, од која се повлече во јули 2023 година, една година откако беше покрената со посредство на ОН.

Од Киев велат дека се водат разговори за заживување на договорот, додека Москва оценува дека нема изгледи за негово повторно воспоставување.