Путин: Пак ќе се бориме против германските тенкови


Владимир Путин во Волгоград

 

Владимир Путин во четвртокот рече дека на Русија „повторно“  ѝ се закануваат германски тенкови, посочувајќи ги оклопните транспортери „Леопард 2“ ветени на Киев од Западот, повлекувајќи уште една паралела меѓу војната против Хитлер и руската воена кампања во Украина.

„Неверојатно е, но германските тенкови ‘Леопард’ со насликани крстови повторно ни се закануваат“, рече рускиот претседател во Волгоград (поранешен Сталинград), на југозападот на Русија, по повод прославата на 80-годишнината од советска победа над германската армија во Сталинград.

„И уште еднаш, наследниците на Хитлер сакаат да се борат против Русија на украинска територија, користејќи ги ‘бандеровци’“, додаде тој, мислејќи на поддржувачите на украинскиот радикален националист Стјепан Бандера (1909-1959).

Од почетокот на офанзивата што ја предводеше во Украина на 24 февруари, Владимир Путин тврди дека политичките лидери на власт во Киев се „неонацисти“ кои вршат „геноцид“ врз русофонското население во Украина.

По одобрението од Берлин, неколку западни земји неодамна ветија дека ќе испратат тешки тенкови „Леопард 2’ од германско производство во Киев.

„Оние кои ги вовлекуваат европските земји, меѓу кои и Германија, во нова војна против Русија и неодговорно ја претставуваат како готов чин, а оние кои мислат дека ќе ја победат Русија на бојното поле, очигледно не разбираат дека модерното војување со Русија ќе биде целосно различно“, предупреди Путин пред воени претставници и членови на патриотски и младински здруженија.

Сталинград беше најжестоката битка во Втората светска војна во која советската Црвена армија, по цена од милион жртви, ги уништи германските сили во 1942 и 1943 година.

Путин се повика на духот на бранителите на Сталинград за да објасни зошто Русија ќе победи во Украина, велејќи дека битката е симбол на „неуништливоста на нашиот народ“.

„Ние не ги испраќаме нашите тенкови на нивната граница, но имаме што да возвратиме и тоа нема да биде ограничено на употреба на оклопни возила“, посочи тој.

Победата во Сталинград сѐуште ја слави Русија, која важи за наследник на Советскиот Сојуз. Победата во оваа битка добива дополнително симболично значење како што се приближува првата годишнина од започнувањето на операцијата на Русија против Украина на 24 февруари 2022 година, каде Москва ги засилува своите акции по неодамнешното заземање на Соледар, град во источна Украина, прв успех за руските сили по многу месеци и низа неуспеси.