Путин отиде во Монголија да бара благослов од шаманите, пишува „Шпигел“


 

За време на посетата на Владимир Путин на Монголија, која се случи на почетокот на септември и покрај можноста за апсење по налог на Меѓународниот кривичен суд, имаше средба на рускиот претседател со монголски шамани. Ова во колумна за „Шпигел“, повикувајќи се на извори блиски до Кремљ, го напиша новинарот Михаил Зигар, поранешен главен уредник на тв-станицата Дожд.

Според соговорниците на Зигар, средбата со шаманите можела да биде главната цел на неочекуваното патување на Путин, кое беше најавено само три дена пред да се случи и беше негова прва посета на Монголија во последните пет години.

Монголските шамани, пишува Зигар, се сметаат за меѓу најмоќните во светот, како и шаманите од Тува, каде Путин многупати патуваше придружуван од поранешниот министер за одбрана Сергеј Шојгу, позирајќи пред камерите во тајгата, со борови шишарки во раката и и качени на коњ со голи гради.

Токму Шојгу, тврди Зигар, му помогнал на Путин да воспостави контакти со шаманите, кои неодамна станаа постојани. Рускиот претседател контактирал и со православните „старешини“ и се консултирал со бројни мистици пред инвазијата на Украина – и сите го уверувале во претстојната воена победа, тврдат изворите на новинарот.

Во Москва кружи гласина дека за време на неговата нова посета на шаманите, Путин можел да побара благослов за употреба на нуклеарно оружје – „оружје на боговите“, пишува Зигар. Тој наведува дека оваа верзија изгледа како „голема фантазија“ и никој од изворите директно не ја потврдува, иако средбата со монголските шамани најверојатно се случила.

Политикологот Абас Галијамов, поранешен говорник на Путин, кој работеше во одделот за подготовка на јавни говори на руската влада во 2008-2010 година, ја потврдува информацијата на Зигар. Според изворите на Галијамов, средбата во Монголија ја организирал Михаил Ковалчук, еден од најблиските пријатели на Владимир Путин, претседател на Институтот Курчатов, кој и претходно јавно се залагал за употреба на нуклеарно оружје.

„Покрај тоа што доби благослов да користи нуклеарно оружје, Путин го интересираше и прашањето за сопствената долговечност, како и реинкарнацијата“, пишува Галијамов. Додава дека Путин бил задоволен од средбата и ритуалите.