Путин одобри повлекување на Голдман Сакс од Русија
Москва – Рускиот претседател Владимир Путин денеска даде зелено светло на инвестиционата банка Голдман Сакс да ја продаде својата руска подружница, што претставува симболичен потег во контекст на масовното повлекување на западните компании од Русија.
Американската банка, која во 90-тите години беше ангажирана од Кремљ за привлекување странски инвеститори, уште во март 2022 година најави дека ќе го напушти рускиот пазар, само неколку дена по почетокот на руската воена офанзива врз Украина. Оттогаш, стотици западни компании го напуштија рускиот пазар, главно продавајќи ги своите бизниси по намалени цени поради контрасанкциите што ги воведе Москва за да ги казни оние што сакаат да се повлечат.
Путин денеска потпиша декрет со кој се одобрува продажбата на 100 отсто од акциите на руската подружница на Голдман Сакс на Balchug Capital, инвестициска фирма со седиште во Ерменија. Деталите за договорот не се објавени.
Според правилата што Русија ги воведе во екот на корпоративните повлекувања, компаниите што го напуштаат пазарот мора да продаваат со значителен попуст и да платат „излезен данок“ на руската влада. Повлекувањето на Голдман Сакс, една од водечките светски инвестициски банки, е уште еден показател за тоа колку е отсечена руската економија од Западот во последните три години поради санкциите воведени поради инвазијата врз Украина.