„Путин, напиј се чај“: Жителите на Хабаровск излегоа на осми протест

Отпорот против Путин во Хабаровск не престанува (Фото: Ројтерс)

Илјадници луѓе излегоа на улиците во саботата во крајниот источен руски град Хабаровск, во знак на протест против начинот на кој претседателот Владимир Путин се справи со регионалната политичка криза и осомниченото труење на неговиот најгласен критичар.

„Путин, напиј се чај“, скандираа демонстрантите додека се движеа кон главната сообраќајница во градот, во врска со случајот со опозицискиот политичар Алексеј Навални, кој тешко се разболе овој месец откако испи чаша чај во аеродромското кафуле.

Навални (44) беше пренесен со авион во Германија минатата недела, откако колабираше за време на летот за Москва од сибирскиот град Томск. Тој сега е во медицински предизвикана кома во берлинската болница.

Жителите на Хабаровск, кој се наоѓа 6.110 км источно од Москва, започнаа да одржуваат неделни митинзи по притворањето на 9 јули на Сергеј Фургал, популарниот гувернер на регионот, во врска со обвиненијата за убиство што тој ги негира.

Неговите приврзаници велат дека притворот е политички мотивиран. На митингот тие обележаа постери со кои се осудуваа „репресијата“ и „диктатурата“ и побараа Фургал да биде ослободен и да му се дозволи да се врати во градот.

Некои исто така изразија солидарност со противниците на белорускиот лидер и долгогодишен сојузник на Путин, Александар Лукашенко, кои со недели одржуваа јавни протести поради обвинувања за местење на гласови на претседателските избори на 9 август. (Ројтерс)