Путин на мамутски митинг во Москва за поддршка на војната


 

„Митингашки концерт“ на стадионот „Лужники“ во Москва, со статисти, наводно, регрутирани со плаќање, кулминираше пред кратко време со појавувањето на претседателот Владимир Путин и неговото уверување дека армијата се бори за „историските граници“ на Русија.

Организаторите на настанот ветија дека ќе соберат 200.000 луѓе во студената и со снег покриена Москва, а на директниот пренос беа прикажани многу руски знамиња, знамиња на советските воени единици со пароли како „Смрт за германските окупатори“. Исто така, на интернет имаше извештаи за масовно регрутирање за 500 рубли (околу 6 евра). Најголем дел од публиката беше носена организирано.

Говорот, во кој рускиот претседател кажа дека „целата земја“ ја поддржува војската, беше особено краток – помалку од четири минути. Тој рече дека армијата се бори за „историските граници“ на Русија.

„Го слушав военото раководство дека моментално се водат битки на нашите историски граници, за нашиот народ“, рече Путин и им се заблагодари на оние што се борат „херојски“ на фронтот; секој што ги поддржува е, според неговите зборови, „бранител на татковината“.

Претседателот на Русија истакна дека дури и децата пишуваат писма за поддршка на „нашите борци“. „Горди сме, три пати ура“.

Денот на бранителите на татковината е празник кој се слави во неколку земји од поранешниот Советски Сојуз на 23 февруари. Воведен е пред еден век, во 1922 година, како начин да се одбележи годишнината од создавањето на Црвената армија.