Путин ќе снима филмови за „специјалната операција“, пропагандата влегува во училиштата


Искршена слика на Владимир Путин близу затворот во Херсон (Фото: АП)

Претседателот на Русија, Владимир Путин, го задолжи Министерството за култура на земјата да обезбеди емитување документарни филмови посветени на војната и „борбата против ширењето на неонацистичката и неофашистичката идеологија“. Ова беше наведено во порака на веб-страницата на Кремљ по средбата на шефот на државата со мајките на воените лица.

Покрај прикажување на филмови посветени на „специјалната воена операција“ (како што Русија ја нарекува војната), ќе треба да се организира и фестивал на патриотско документарно кино. Министерството за одбрана ќе треба да им помогне на оние кои сакаат да создадат такво производство за војната.Конкретни предлози мора да се подготват до 1 февруари.

Друга наредба на Путин е да се создадат „јавни простори, уметнички локации и училишни музеи“ за оние кои се вклучени во војната. Настава на оваа тема ќе треба да одржат и министерствата за култура и образование. Русија веќе воведе лекции за војната во средните училишта како дел од новата наставна програма која вклучува и основна воена обука.

Друга група – онаа на воените вдовици во Русија – во меѓувреме го повика претседателот да нареди масовна мобилизација на милиони Руси. Групата на руските воени вдовици го повикува Путин да нареди масовна мобилизација и да им забрани на мажите на возраст за регрутирање да ја напуштат Русија.

„Имаме целосно морално право да бараме такво нешто бидејќи нашите сопрузи загинаа штитејќи ги овие мажи, но кој би не заштитил ако избегаат од земјата“, рече групата.

Претставничка на групата изјави за Ројтерс дека сите способни мажи во Русија треба да се мобилизираат да ја одбранат својата татковина.

„Војната што доаѓа ќе бара сосема различни ресурси: хуманитарни, психолошки, економски“, рече таа. 

И според Володомир Зеленски, мобилизацијата е неизбежна. Украинскиот претседател  во вечерното обраќање рече дека Русија подготвува „нови процеси на мобилизација“ и го повика Западот да ја зајакне украинската одбрана. Според неговите зборови, Киев „не се сомнева“ дека „актуелните господари на Русија вложуваат се што имаат и го ангажираат секој кој можат да го фатат за да се обидат да го свртат бранот на војната и да го одложат нивниот пораз“.

Министерот за одбрана на Украина, Олексеј Резников, зборуваше и за новиот мобилизациски бран подготвен од Москва, според кој жителите имаат „околу една недела“ да избегнат мобилизација. Три месеци откако мобилизираше повеќе од 300.000 луѓе за војната, Путин рече дека нема да има потреба од нов бран, иако одлуката кон крајот на минатата година за зголемување на  руската армија го покрена прашањето како ќе се надополни персоналот, бидејќи пролетниот и есенскиот одзив не беа доволни. 

Формално, мобилизацијата, која започна со декретот на Путин од 21 септември, не заврши со друг декрет – Кремљ, по кратко двоумење, изјави дека таков не е потребен. Некои западни експерти очекуваат нова мобилизација на пролет.