Путин ја отфрли теоријата за улога на Украина во експлозиите на гасоводите
Според рускиот претседател само држава со моќна технолгија може да организира таква експлозија. Тврдењата за учество на Украина ги нарече „чиста глупост“
Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот ги отфрли како „чиста глупост“ наводите дека Украинците би можеле да стојат зад експлозиите што ги оштетија гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море минатата година, и повторно го впери прстот кон САД.
Путин зборуваше откако „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ и германските медиуми објавија стории минатата недела, цитирајќи неидентификувани американски и други официјални лица кои велат дека има докази дека Украина, или барем Украинците, можеби биле одговорни. Украинската влада негираше вмешаност.
Германскиот весник „Цајт“ и германскиите јавни радиодифузери АРД и СВР објавија дека истражителите верувале оти пет мажи и една жена користеле јахта најмена од украинска компанија во Полска за да го извршат нападот. Германските федерални обвинители потврдија дека во јануари бил претресен брод, но не ги потврдија пријавените наоди.
Путин ја отфрли идејата како „чиста глупост“.
„Таквата експлозија, толку моќна и на таква длабочина, може да биде спроведена само од експерти поддржани од целиот потенцијал на држава која има релевантни технологии“, рече тој во телевизиски забелешки.
Рускиот лидер инсистираше на тоа дека САД имаат мотив да ја организираат експлозијата, велејќи дека сакаат да го прекинат снабдувањето со евтин руски природен гас за Германија и да ѝ обезбедат поскап течен природен гас.
Кремљ минатата недела ги опиша тврдењата за вмешаност на Украина во експлозиите како дел од прикривањето на Западот.
Путин во вторникот ги искритикува европските лидери што молчат за инцидентот, обвинувајќи дека нивниот став го одразува она што тој го опиша како потчинска позиција на Европа во однос на САД.
„Европејците изгубија ген на независност, суверенитет и национален интерес“, рече Путин со насмевка. „Колку повеќе ги удираат по носот или горниот дел од главата, толку пониско се наведнуваат и пошироко се насмевнуваат“.
Септемвриските експлозии што ги погодија цевководите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ ги направија нефункционални и предизвикаа значително истекување на гас што беше неактивен во цевководите. Никој не ја презеде одговорноста.
Американските власти првично сугерираа дека можеби Русија е виновна. Русија ги обвини САД и Британија. Истрагите на европските држави, вклучително и Данска, низ чии води минува гасоводот, и Германија допрва треба да дадат конечни резултати.
Путин изрази жалење што на Русија ѝ е забранет пристапот до материјалите од истрагата. Тој додаде дека рускиот гигант за природен гас „Гаспром“ испратил брод да го провери морското дно во близина на експлозијата и забележал нешто што изгледало како антена во близина на спој меѓу цевките на околу 30 километри (околу 16 наутички милји) од местото на експлозијата.
Путин тврдеше дека наводната антена можела да биде ставена на морското дно за да активира друга експлозивна направа која не се активирала поради некоја причина што останува нејасна, додавајќи дека Русија очекува данските власти да формираат заеднички тим за темелна проверка на областа. (АП)