Путин и Ердоган разговараа за формирање уставна комисија на Сирија


Претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган денеска телефонски разговараа за формирање уставна комисија на Сирија која ќе се ангажира за изготвување нов устав за земјата, соопшти Кремљ.

Како што се наведува, разговорот бил на иницијатива на турската страна.

– Во пресрет на петтиот самит на Астанскиот процес, кој треба да се одржи во септември, тие се осврнаа на прашањата поврзани со конфликтот во Сирија, вклучително и напорите за формирање на сириската уставна комисија што ја спроведуваат Русија, Турција и Иран заедно со Обединетите нации, се наведува во соопштението на Кремљ.

Путин и Ердоган разговарале и за ситуацијата во Идлиб и се согласиле дека се потребни заеднички напори за да се отстрани заканата од тероризмот и да се спроведе меморандумот од Сочи, потпишан во септември минатата година.