Путин доцнеше еден час на третата средба со папата


Ватикан – Рускиот претседател Владимир Путин вчера се сретна со папата Франциско, еден ден пред католичките водачи на Украина да пристигнат во Ватикан за да разговараат за кризата во нивната земја. Посетата доаѓа за време шпекулациите дека таа би можела да биде најава за првото патување на папата во Русија.

„Ви благодарам за времето што го посветивте“, рече Путин на крајот на 55-минутните разговори. „Тоа беше многу суштинска, интересна дискусија“, изјави Путин пред новинарите, откако го напушти приватниот кабинет што папата го користи за официјални пригоди. Деталите за нивните разговори не беа соопштени.

Путин, кој двапати веќе се виде со Франциско задоцни еден час на разговорите. Тој доцнеше 50 минути на неговата прва средба со папата во 2013 година и повеќе од еден час на нивната втора средба во 2015 година.

По средбата во Ватикан, Путин треба да се види и со италијанскиот претседател и премиер и се очекуваше да се врати во Москва подоцна вечерта по официјалната вечера.

Украина, која останува тешко прашање во односите меѓу Ватикан и Русија, се очекуваше да биде главна тема на разговорите во официјалната папска библиотека.

Кога последен пат се сретнаа во 2015 година, папата го повика Путин да направи „искрени и големи напори“ за да постигне мир во Украина и да помогне да се стави крај на борбите меѓу украинските владини сили и проруските сепаратистички бунтовници на исток.

Состанокот на Путин со папата доаѓа по три години откако Франциско одржа кратки разговори со рускиот патријарх Кирил во Куба – значаен чекор во заздравувањето на 1.000-годишниот јаз меѓу западните и источните гранки на христијанството.

Михаил Горбачов, последниот лидер на Советскиот Сојуз, и Борис Елцин, првиот претседател на постсоветската Русија, го поканија папата Јован Павле да ја посети Москва. Но, патувањето не беше можно поради тензиите меѓу Ватикан и Руската православна црква, најголема и највлијателна во светското православие, со 165 милиони од 250 милиони светски православни христијани. (Ројтерс)