Путин бил шокиран од инвазијата на украинската војска во регионот на Курск


 

Инвазијата на украинските вооружени сили во регионот Курск, која трае веќе четири дена и зафаќа површина од повеќе од 100 квадратни километри, е шок за руската војска и Кремљ, изјавија четворица руски претставници за „Москва тајмс“, под услов да останат анонимни.

Според еден од изворите, актуелен владин функционер, претседателот Владимир Путин станал „нервозен“ поради операцијата на украинските вооружени сили, која руската војска досега не може да ја запре.

„Ова е силна шлаканица за претседателот [Путин]. Не можевме да го вратиме непријателот веќе 24 часа. Создадена е опасност за рускиот регион и неговото население. Европскиот гас поскапе. Ова не е начин како се однесува земја уверена во својата победа“, рече изворот.

Преземајќи ја целосно или делумно контролата над 20 населени области и заробени десетици руски војници, украинските вооружени сили до петок се најдоа на околу 30 километри од нуклеарната централа Курск, иако во средата началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов, им вети целосен „пораз“.

На состанокот со безбедносните службеници во средата и за време на јавните настапи во четвртокот, Путин се појави „незадоволен“ и „изнервиран“, според неговите изрази на лицето и однесувањето, изјавија за „Москва тајмс“ извори кои лично го познаваат претседателот долги години. „Шефот [Владимир Путин] денеска беше во лошо расположение. Ваков не сме го виделе од принудното повлекување на нашата [руската армија] од Херсон во есента 2022 година“, рече официјален претставник вклучен во подготовката на настаните за Кремљ.

Во јавноста, Путин беше внимателен во своите изрази: тој ја нарече украинската инвазија „провокација“ и „ситуација“, воздржувајќи се од обвинување на војската. Но, во реалноста, тоа е „неуспех“, изјави за „Москва тајмс“ функционер близок до Министерството за одбрана. Тој не отфрли дека она што се случува најверојатно ќе има негативно влијание врз кариерата на Герасимов, кој е на чело на Генералштабот повеќе од 12 години и ја води руската армија во Украина од јануари 2023 година.

„Нашите граничари се борат во опкружување. Заробени се регрути. Јасно е дека Украинците ја немаат длабочината на офанзивата. Но, сепак, она што се случи е многу непријатно од репутациска перспектива“, изјави владин претставник.

Целите на операцијата на украинските вооружени сили се главно пропаганда, бидејќи главните линии на фронтот сѐ уште се во Донбас, смета израелскиот воен експерт Дејвид Шарп. „Сепак, сите разговараат (за инвазијата), дури и самиот Путин. А тоа значи нешто како ‘шлаканица’ за руската влада“, изјави Шарп за „Москва тајмс“.

Руско-украинската граница е толку долга што ниту една страна нема потреба да ги распореди своите најмоќни единици таму, што значи дека секоја страна може да ги нападне послабите сили на непријателот, забележува Шарп. „Ова би го нарекол ПР трик“, вели експертот. „Заземањето територија за долгорочна контрола кога има многу предизвици на другите делови од фронтот не е практично“.