Путин ѝ даде на Кина 18 милијарди долари со попусти за нафта


 

Рекордните набавки на руска нафта наместо барели од другите земји производители на нафта ѝ донесоа бенефиции од милијарди долари на Кина, изјави извршниот директор на „Роснефт“, Игор Сечин, за време на шестиот руско-кинески енергетски бизнис форум.

„Според нашите проценки, од јануари 2022 до јуни 2024 година, економскиот ефект за Кина од увозот на руска нафта во споредба со набавките од добавувачите од Блискиот Исток е помеѓу 14 и 18 милијарди долари“, рече Сечин.

Според него, Русија станала главен снабдувач на нафта за Кина, пред Саудиска Арабија и ја разгледува можноста за дополнително зголемување на извозот. „Само во првата половина од оваа година, испораките на нафта на Русија за Кина се зголемија за 5% и надминаа 55 милиони тони“, објави Сечин.

Покрај нафтата, Русија минатата година на Кина ѝ продаде 40 милијарди кубни метри гас (вклучувајќи ЛНГ), како и повеќе од 100 милиони тони јаглен. „Како резултат на тоа, нашата земја обезбеди речиси 20% од увозот на енергија во Кина“, објави Сечин (цитиран од Интерфакс).

Кина заштедува милијарди долари благодарение на попустите на нафтата што нафтените компании беа принудени да ги даваат од почетокот на војната. Кина го доби максималниот попуст во летото 2022 година: достигна 16% во однос на другите добавувачи.

И покрај надежите на Кремљ и изјавите на претседателот Владимир Путин за стратешко партнерство без преседан со Кина, се појавија тешкотии со кинеските компании откако започна војната: Кинезите уште еднаш ја потврдија својата репутација како цврсти и бескомпромисни преговарачи, изјавија владини извори за весникот „Комерсант“. „Кинезите сакаат сѐ, и по можност бесплатно“, објаснува еден од изворите.

Минатата година меѓусебниот трговски промет меѓу Русија и Кина достигна рекордни 240 милијарди долари, што е повеќе за 26,2отсто. Во исто време, Кина купува речиси исклучиво гориво од Русија: таа претставува 70% од испораките. По јаглеводородите, најголемите трговски ставки вклучуваат и црни метали, бакар, никел, алуминиум и граѓа.