Пуштете нѐ во НАТО, им порача финската премиерка на Турција и Унгарија

Само овие две земји го немаат ратификувано влезот на Шведска и Финска во Алијансата


Сана Марин

 

Финската премиерка Сана Марин денеска ги повика Унгарија и Турција да ги одобрат кандидатурите на нејзината земја и соседна Шведска за влез во НАТО.

Двете нордиски земји побараа да се приклучат на воениот сојуз во мај, поттикнати од руската инвазија на Украина. Унгарија и Турција се последните две членки на НАТО кои треба да дадат согласност за апликациите на Шведска и Финска.

„Сите очи сега се насочени кон Унгарија и Турција. Чекаме овие земји да ги ратификуваат нашите апликации. Мислам дека би било важно тоа да се случи по можност порано отколку подоцна“, рече Марин на прес-конференцијата по состанокот на Нордискиот совет во Хелсинки. Минатата недела таа повтори дека Шведска и Финска заедно ќе влезат во НАТО.

Турција ги обвинува двете земји дека засолнуваат, како што тврди, терористички групи. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган бара Шведска и Финска да ги екстрадираат осомничените кои Турција ги смета за терористи, во замена за поддршка на нивното членство во НАТО.

Новата шведска влада е посветена да одговори на барањата на Турција, но Турција допрва треба да биде убедена. „Чекаме да заживее“, рече Омер Челик, портпарол на владејачката партија.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг треба да се сретне со Ердоган во Истанбул, каде што двајцата треба да разговараат за проширувањето на НАТО оваа недела. Унгарија вети дека ќе ја ратификува кандидатурата на двете земји за членство до декември.